Демократија во Македонија, слобода за уставобранителите. Под овој слоган денеска во 11 часот, почнувајќи од Владата завршувајќи со марш до Собранието, ќе се одржи протест, во знак на поддршка за осудените за настаните од 27 април во Собранието.
Поддршка на протестот дава ВМРО-ДПМНЕ.
„Правдата не смее да биде слепа. И еден ден во затвор на неправедно осуден е тежок како година. Македонија не смее да ги заборави своите синови. Слобода за уставобранителите и поддршка на општонародниот протест, напиша лидерот Христијан Мицкоски на фејсбук.
Александар Пандов синоќа во гостување на Сител рече дека партиска е само поддршката, а не и организацијата.
„Тие луѓе никако не се терористи, осудени се врз основа на лажно сведоштво. Тие не бараат милостина, не бараат амнестија, туку фер и правично судење. Утре на протестот ќе се прочита Декларација со која ќе се побара правично судење за уставобранителите да може да се изборат за правда, истакна Пандов.