Откако пред два дена министерот за здравство Венко Филипче најави дека Комисијата за заразни болести ќе препорача на Владата да ја усвои мерката задолжителна вакцинација за здравствени работници, а вработените во јавниот сектор да мора да имаат сертификат за најмалку една примена доза, негативен ПЦР тест или документ за прележан Ковид 19, за да дојдат на работа, вечерва пред собранието се одржа протест.

Терапијата против ковид е смрт, вакцината е отров, Бил Гејтс сака да изврши депопулација на планетата. Вакви беа пораките и теориите на заговор испратени вечерва од пред Собранието.

Во говорите имаше и пораки дека никој не смее да бара задолжителна вакцинација бидејќи е противуставно. Сепак, ова беа само попратни пораки, поголемиот дел од говорите беше посветен на теориите на заговор со вакцините и коронавирусот.

Дел од пораките беа и дека никој не може да ја ограничува или одзема слободата на луѓето и нивното движење.