Група демонстранти предводени од братот на Ел Чека, Блерим Ахмеди, се собраа пред кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Револтирани се поради неговиот став дека осудените за 27 април во Собранието не се терористи и може да се им се суди повторно ако некој достави нови докази. Демонстрантите изразија револт и против лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој имаше сличен став со оној на Пендаровски. Според демонстрантите, претседателот брани само затвореници Македонци, а не искажал никаков став за осудените Албанци во политички монтирани случаи. На крајот, демонстрантите запалија фотографии од Пендаровски, Заев, Мицкоски, Ахмети и од поранешниот премиер Груевски. Поради тоа Блерим Ахмеди беше однесен во полициска станица.
„Немаше реакција од Стево Пендаровски и Али Ахмети за случајот Куманово, Монструм и други политички монтирани случаи. За време на неговиот мандат, Стево Пендаровски се заколна дека ќе биде рамноправен со граѓаните без оглед на етничката припадност и верата. Но, претседателот ја прекрши својата заклетва и почна да ѝ служи само на македонската страна, мешајќи се во обвинителството и судот. Напаѓачите од 27 април кои извршија таков чин против Парламентот ги загрозија животите на пратениците и вработените. Таквиот терористички акт во цивилизираните земји би се казнил со доживотен затвор. Затоа денеска сме собрани тука да го повикаме Стево Пендаровски да не излегува во одбрана на терористите бидејќи демократијата не дозволува такво нешто.“