Ученичките на женската медреса „Иса Бег“ во Тетово маршираа до Муфтиството во Тетово, за да го искажат своето незадоволство од непризнавањето на ова теолошко училиште како средно. Бараат од муфтиството да го реши овој проблем бидејќи и покрај четиригодишното образование, потоа не можат да се запишат низ универзитетите во земјава.
„Дали медресантите можат да се запишат во јавни и приватни универзитети по завршувањето на медресата како и сите ученици? Секако одговорот е НЕ. Нашите барања Ријасетот на ИВЗ во нашата земја, Министерството за образование и Владата ги игнорираат. Денеска маршираме сите за да го слушнете нашиот глас. Доста беше. Сакаме правда, сакаме еднакво образование како и сите наши врсници.“
„Можете сами да видите, протестот беше најавен вчера, муфтијата и заменикот беа известени, но гледате дека архивата е затворена, нема кому да му го поднесеме барањето. Но, нема да останеме на ова. Ќе продолжиме“, вели Нусрет Илјази, родител.
Во својата реакција ИВЗ попладнево ги отфрли обвинувањата за неажурност наведувајќи дека пет години работи на решавање на проблемот и внесување на училиштето во школскиот систем.
„Нацртот е веќе подготвен и во определен рок ќе се воведе во собраниска процедура за да се донесе законот. Во бројните разговори што претседателот на ИВЗ, Шаќир Фетаи, ги имаше со своите соработници, доби ветувања дека ова прашање ќе добие позитивен епилог. Такви се гаранциите од релевантните политички и владини фактори“, велат од ИВЗ.
Но, од одговорот на Министерството за образование се добива впечаток дека прашањето тешко дека ќе се реши брзо.
„Верските училишта не се дел од националниот образовен систем кој е финансиран од државата, бидејќи Уставот на РСМ предвидува секуларност. Во моментов МОН има поставено приоритети кои се однесуваат на подобрување на генералната слика и состојба на образованието“, изјавуваат од Министерство за образование.