Со силни тонови, националистички песни и интонирање на српската химна, еден ден откако најавија заминување од косовските институции, Србите одржаа митинг на северот на Митровица, додека во раце држеа српски знамиња и бројни транспаренти на кои пишуваше „Една држава имаме, Србија“, „Сите сме Ненад Ѓуриќ“ и слично.
Шефот на Српската листа Горан Ракиќ од митингот побара да се формира Заедница на српките општини и повлекување на одлуките за регистарските таблички.
„Со нашите оставки ги браниме бриселскиот договор и меѓународното право. Сетете се на фактот дека Албин Курти, Вјоса Османи и другите лидери од Приштина многупати повторија дека за нив бриселскиот договор не постои и дека Заедницата на српските општини никогаш нема да се формира. Тие не се грижат за договорите, и плукаа во лице на Европската унија, која беше гарант за спроведувањето на овие договори и гаранција за нас дека нема да бидеме измамени“, рече Горан Ракиќ, претседател на Српската листа.
По вчерашниот развој на настаните кога Србите најавија дека ги напуштаат косовските институции, шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел ги повика Приштина и Белград да се воздржат од секакви еднострани дејствија што би можеле да ги зголемат тензиите. Борел рече дека отстранувањето на Србите од косовските институции не е решение за сегашните несогласувања.
„Неодамнешните случувања ја загрозуваат големата работа што е направена во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија, и ја попречуваат безбедносната ситуација во регионот и пошироко.
Во име на ЕУ, Борел ги повика претставниците на Србија и на косовските Срби да ги почитуваат своите обврски од дијалогот и да се вратат во косовските институции за да ги исполнат своите должности, вклучително и во полицијата, судството и локалната администрација. Од друга страна, Борел побара од Косово веднаш да го продолжи процесот на пререгистрација на возилата, со што ќе ја суспендира одлуката за казнување на возилата со нелегални регистарски таблички./Аlsat.mk
Шкелзен Аќифи