Пензионери од повеќе градови денеска пред Собранието во Скопје излегоа на протест поради, како што велат, незадоволство од антикризните мерки.
Пензионерот Орце Давитков, кој е член на Иницијативниот одбор, при Здружение на пензионери „За достоинствен живот“ од Кочани, во изјава за медиуми рече дека нивните барања се, по пет илјади денари линеарно и 18 илјади денари минимална пензија, жените над 62 и мажите над 64 години да не плаќаат ништо во здравството, да бидат ослободени од партиципација. За, како што нагласи, последните денови од животот да ги поминат достоинствено.
– Наместо да одиме напред со пензиите, ние се враќаме назад, очигледно дека пензионерскиот систем не е добар, нагласи тој, додавајќи дека револтот кај нив е голем.
Барањата, како што рече, ги поднеле до Парламентот.
Моне Горгиев од Кочани, секретар на Здружението, рече дека имаат поддршка од една политичка партија, чии пратеници им рекле дека најбрзо штом ќе дошле на власт, ќе ги решеле проблемите на пензионерите.
– Пензијата не стига за трошковите. А не па за нешто друго, како бањско лекување, за тоа нема теоретски шанси. Пензионерот е доведен до работ на егзистенцијата, нагласи Горгиев.
„Ги повикувам пратениците сите 120 кои го имаат документот, нашиот предлог закон и едниот и другиот да пристапат кон решавање на нашите проблеми еднаш засекогаш. Не ни требаат лижавчиња, ниту пакетчиња. Еве го писмото на Талат Џафери кој ни го достави дека е предадено на сите пратеници“, вели Драган Угриновски од Сојуз на пензионери.
„Ние ќе издејстуваме 5.000 линеарно зголемување на основицата на пензијата“, вели Верче Јанческа пензионерка.
Откако ги оставија чевлите пензионерите одржаа говор, па добија поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои им ветија исполнување на нивните барања.