Кандидатите пријавени за полагање на испит за директори во средните и основните училишта денеска напладне одржаа мирен протест пред Државниот испитен центар, поради тоа што, како што велат, иако уплатиле пари, веќе неколку месеци чекаат за обука и полагање испит.
Ксенија Врамчева, една од кандидатите, за време на протестот го прочита отвореното писмо до директорката на Државниот испитен центар, во кое се наведува дека сите овие кандидати се пријавени согласно Закон, и ги имаат уплатено потребните средства за реализација на обука и спроведување на испити.
-Изненадени сме од самоволието и непочитување на позитивните законски прописи иако согласно член 5 од Законот ги исполнуваме условите за спроведување на основна обука и согласно член 8, став 1, цитираме: „Реализацијата на обуката според Програмата, за пријавени кандидати започнува по формирањето на група од десет кандидати, пријавени за обука, се вели во писмото упатено до директорката на ДИЦ.
Врамчева посочува дека според сознанијата, до овој момент се формирани повеќе од пет групи и сите кандидати ги исполнуваат пропишаните услови.
-Нашите сознанија ги потврдува и тоа што на веб страницата на ДИЦ во делот на АРХИВА за периодот од 2019, 2020 и 2021 година никаде немате поставено информација за реализација на обуки за директори на основните и средни училишта. Дополнително на ова ниту пак индивидуално сме добиле повратна информација на поставени прашања во врска со термини за започнување на обуката, се посочува во писмото.
Кандидатите пријавени за полагање на испит за директори ја повикуваат директорката да ги почитува законите и веднаш да го почне процесот на обуки. Во спротивно, како што велат, ќе бидат принудени да преземат други мерки, да ги известат надлежните институции за грубото кршење на законите и да ги известат претставниците на меѓународната заедница.
На новинарско прашање дали е прифатливо обуките да почнат во март, со оглед на тоа што директорката на ДИЦ претходно најавила дека обуките ќе се одржат во тој период, кандидатот за директор, Александар Георгиески изјави дека досега се пријавиле над 50 кандидати, и потребно е да бидат навремено известени, како и да се одржат минимум пет обуки во текот на годината