Протераните руски дипломати работеле на раздор на македонското национално ткиво, одговорија за Телма од Агенцијата за разузнавање. Министерката Славјанка Петровска пак рече дека безбедносните агенции постапиле професионално и не била откриена закана кон припадници на АРМ и на Министерството за одбрана. Во пакет со дипломатите од Руската амбасада беше протеран е еден руски свештеник којшто имал блиски релации и со владици од МПЦ.

Протераните руски дипломати и рускиот свештеник работеле на поделба и раздор во општеството, одговорија за Телма од Агенцијата за разузнавање, една од трите служби кои ги регистрирале недипломатските активности на агентите пријавени како дипломати. Други детали не соопштуваат.

-Се работи за класифициран карактер на податоци од сензитивна природа. Безбедносно-разузнавачките институции во нашата држава, како никогаш претходно, соработуваат и ги координираат активностите поврзани со заштита на националната безбедност на Република Северна Македонија. Споменатите странски државјани го злоупотребија нашето гостопримство, а активностите кои ги превземаа не само што беа во спротивност со Виенската Конвенција, тука беа насочени кон создавање раздор во македонското национално ткиво, одговорија за Телма од Агенцијата за разузнавање.

Последните тројца руски дипломати кои беа протерани од Македонија не се обиделе односно не оствариле разузнавачка закана кон припадници на Армијата или кон вработени во Одбрана, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска за последното протерување на дипломати од Руската амбасада кои се однесувале спротивно на Виенската конвенција.

-Армијата и Министерството за одбрана се безбедни и имаат развиено систем на заштита од какви било влијанија, вклучително и вакви злонамерни. Тоа се сите оние влијанија за кои сметаме дека се спротивни на нашите стратешки и национални интереси. Следствено на тоа, сакам да ја поздравам и работата не само на военото разузнавање туку и на другите безбедносно- разузнавачки служби, кои очигледно добро си ја работат својата работа. Закана од таков тип директно кон припадници на министерството или на Армијата не сме детектирале, порача Петровска.

Државен стратешки и национален интерес се европските интеграции и нема да биде дозволено попречување на тој пат од никого, нагласи министерката. Во пакет со руските дипломати, беше протеран и еден свештеник на Руската православна црква кој бил дел од епархијата во Софија во соседна Бугарија. Познато е дека имал контакти и соработувал со владици од синодот на МПЦ, но не нема други детали зошто тој свештеник доаѓал често во Македонија и какви активности имал. По Македонија, неколку дена подоцна, рускиот свештеник беше протеран и од Бугарија.