Поранешниот принц Ендру Маунтбатен-Виндзор им рекол на Џефри Епштајн и Гислејн Максвел: „Не можам повеќе да го поднесам ова“ кога првпат бил предупреден пред 14 години дека еден британски таблоид ќе објави статија за нив тројцата, објавува Би-би-си.
Неговата е-маил преписка со американскиот пар беше објавена вчера, меѓу документите од имотот на осудениот сексуален престапник Епштајн, а исто така се споменува и американскиот претседател Доналд Трамп.
Поранешниот принц реагирал откако му беше препратен е-мејл со право на одговор испратен од „Мејл он Сандеј“ до Максвел во март 2011 година, во кој беа изнесени низа тврдења за Ендру.
Според објавените документи, Ендру одговорил: „Што е ова? Не знам ништо за тоа! Мора да го КАЖЕТЕ, ве молам. Ова НЕМА НИКАКВА врска со мене. Не можам повеќе да го поднесам ова“.
Најновото откритие доаѓа откако демократите во американскиот Конгрес го замолија Ендру да одговори на прашања како дел од истрагата за Епштајн, кој почина во затвор во 2019 година додека чекаше судење по обвинение за трговија со малолетници.
Демократот Сухас Субрамањам од Комитетот за надзор на Претставничкиот дом изјави за „Њузнајт“ дека Ендру сè уште не одговорил на судска покана за сведочење. „Нема потреба да се дојде со авион, тој може да сведочи од далечина“, рече тој.
Вирџинија Џуфре, една од најистакнатите обвинителки на Епштајн, тврдеше дека имала сексуални односи со Ендру три пати како тинејџерка. Ендру ги негираше сите обвиненија и постигна вонсудска спогодба со Џуфре во 2022 година. Спогодбата не вклучуваше признание на вина ниту извинување.
Нему му беа одземени сите титули претходно овој месец откако постхумно објавените мемоари на Џуфре го пренасочија вниманието кон нејзините врски со Епштајн и Максвел.
фото: принтскрин
Текстот Протекоа пораките меѓу Ендру и Епштајн: „Не можам повеќе да го поднесам ова“ е превземен од МАКФАКС.























