Кодот од здравствената пропусница на францускиот претседател Емануел Макрон заврши на социјалните мрежи Твитер и Снепчет, јавуваат француските медиуми.

Advertisements

Од Елисејската палата, пак, вината за протекувањето на личните податоци на Макрон, како и здравствената пропусница ја лоцираат во неодговорноста на неколкумина здравствени работници.

„Негрижата или злобата на неколку здравствени работници е изворот на ‘протекувањето’ на здравствената дозвола преку интернет. Ова е кршење на етиката. Преземени се мерки“, велат од Елисејската палата, пренесоа француските медиуми.

Посочените здравствени работници сега се во центарот на вниманието на Националниот фонд за здравствено осигурување, бидејќи е побарано од Националниот совет на Редот на лекарите да ги санкционира лицата што се виновни за објавувањето на кодот.

Во прилог на кју-ар кодот на пропусницата може да се види и датумот на раѓање на претседателот, 21 декември 1977. Исто така, се посочува дека тој ја примил вакцината „Фајзер/Бионтек“.

Овој случај покрена лавина прашања за безбедноста на податоците на граѓаните, бидејќи Макрон се смета дека најзаштитениот француски граѓанин, а сепак неговата здравствена пропусница се најде на интернет.