Универзитетот во Тетово не ги коментира обвинувањата дека седум професори на Медицинскиот факултет направиле плагијат за што јавноста беше информирана од списанието „Веритас“. Контактирани од АЛСАТ, раководните лица на УТ не сакаа да зборуваат пред камерата. Во писмената реакција, институција воопшто не го коментира плагијаторството, туку се занимава со списанието „Веритас“, нагласувајќи дека станува збор за злонамерен обид за оцрнување на Универзитетот од списание без адреса, со анонимни издавачи и сомнителни агенди.
„Иако не е во наша надлежност да коментира за „откритијата“ на „списанија“ со анонимни автори, ние ја информираме јавноста дека едукативната, истражувачката и научната активност на академските единици на универзитет во Тетово, се спроведува во согласност и со целосно почитување на научните критериуми. Академските достигнувања, одбраната и објавувањето на научни трудови се предмет на механизми за филтрирање, кои го потврдуваат или не еден одреден истражувачки материјал“, изјавиа од Универзитетот во Тетово.
Од друга страна, од просветниот инспекторат за Алсат потврдија дека ќе започне инспекција на Универзитетот, по претставката поднесена од поранешниот декан, Хаџиреџа. Одговорниот на секторот за високо образование, Африм Салиу рече дека за скандалот бил информиран од медиумите, наместо да биде навремено информиран од луѓе кои имале сознанија.
„Имаме официјална жалба, потврдена е со денешен датум. Покренавме постапка за вонреден инспекциски надзор во оваа високообразовна институција, и следната недела веруваме дека ќе се изврши оваа инспекција. Со жалење велам дека официјалните лица, што биле таму досега, ако имале такви информации, требало да не известат, за потоа ние да излеземе на терен за проверка на тие податоци, и да се преземат мерки за надминување на таа состојба и да се спречи да продолжи“, вели Африм Салиу, Инспекторат за образование.
Салиу вели дека тие постојано наоѓале сериозни проблеми во Универзитетот и на многу други универзитети, за што се информирани министерот за образование и Владата. Во меѓувреме, од студентскиот сојуз велат дека професорите кои прават плагијат не заслужуваат почит од студентите.
„Не разбирам со кое лице, морал или чест ќе работи некој како професор со плагијатура. Тој за жал не ја заслужува титулата професор. Не знам како можеле да излезат пред студентите и да зборуваат особено за еден отсек како што е медицината, и да зборуваат во име на медицината. Не знам колку се тие самите хумани, бидејќи го уништиле образовниот систем. Не знам како очекуваат да се грижат за здравјето на еден човек“, изајви Нермин Хамиди, Студентски сојуз на албанците.
Според списанието „Веритас“, професорите Неџбедин Беадини, Шеќибе Беадини, Албулена Беадини, Емира Беџети, Мирлинд Беџети, Дестан Халиди и Екрем Исмани, кои исто така се во меѓусебна роднинска врска, направиле плагијат во своите научни дела.