Кандидатот за градоначалник од СДСМ за Куманово, Оливер Илиевски, на денешната пресконференција најави заживување на стариот градски парк, проширување
на кејот од влезот на градот до „Ку-ба“. Во програмата „Најдоброто за Куманово“, приоритет е зелената агенда.
– Во време на брз и динамичен живот ваквите места ни се повеќе од потребни. Предвидуваме изградба на кеј од влезот на Куманово се до „Куба“. На двете страни ќе имаме вело и пешачки патеки, кеј, ќе има четири пешачки мостови, Предвидуваме изградба на кеј на река Којнарка од земјоделското училиште до спојување со Кумановка, со што ќе добиеме поврзани патеки од скоро девет километри, рече Илиевски.

Тој најави реконструкција на стариот парк, изградба на четири нови паркови, детски, авантуристички и вело парк. Илиевски најави регулација на потоците кои се вклучуваат во река Кумановка од населбите Карпош и од Тоде Мендол на кои се предвидени пешачки зони, велосипедски патеки, зони за рекреација.
Одговарајќи на новинарски прашања за обвинувањата на советници од
независната листа за притисоци во администрацијата, Илиевски рече дека
станува збор за нервоза на независната листа и независниот кандидат за
градоначалник по согледувањето на анкетите и ги повика да пријават во
институциите.

– Независната советничка група и независниот кандидат за градоначалник, најверојатно ги имаат добиено последните анкети и заради тоа искажуваат нервоза. Ние не се занимаваме со такви обвинувања, затоа се независни, повеќе ништо не зависи од нив. Ќе видиме на 17-ти октомври, колку гласови ќе добијат. Ако има нешто такво слободно нека пријават и институциите на системот ќе си го решат проблемот. На таа пресконференција воопшто немаше ниту имиња, кој праќал такви пораки, која е содржината на пораките, такви пораки може и ние да исконструираме
за кој било политички противник и не би сакал да коментирам такви обвинувања. Тоа се само изговори за изборниот пораз кој ќе го добијат на 17-ти октомври, рече Илиевски.