Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во април 2021 година изнесувала 28.438 денари, а бруто платата била 42.441 денари.
Според Државниот завод за статистика, просечната нето-плата годинава е поголема во однос на април лани за 10,1 отсто, додека бруто платата за 10 проценти.
-Зголемувањето на просечната нето-плата се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (28,6 отсто), Финансиски дејности и дејности на осигурување (24 отсто) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (21,7 проценти), додека зголемувањето на бруто платата е резултат пред се на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (28,3 отсто), Финансиски дејности и дејности на осигурување (24,1 процент) и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (21,4 отсто), ифнормира Заводот.
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во однос на март 2021 е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (21,4 отсто), Уметност, забава и рекреација (3,7 отсто) и Земјоделство, шумарство и рибарство (2,9 проценти).
Зголемување, пак, на просечната месечна исплатена бруто-плата во однос на март е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (21,3 отсто), Уметност, забава и рекреација (3,4 отсто) и Земјоделство, шумарство и рибарство (2,9 проценти).