При вчерашниот претрес по налог на Јавното обвинителство во стан во Скопје на поранешниот премиер Никола Груевски, пронајдено е и одземно оружје, дознава „Слободен печат“ од извори во Обвинителството.
Станува збор за 4 пиштоли за кои Груевски немал дозвола по што тие се подигнати и ќе бидат предмет на натамошна истрага, дознава „Слободен печат“.
Според шефицата на јавното обвинителство Вилма Русковска, вчера полицијата и обвинителството извршија претрес во објектите за кои дополнително се обезбедени материјални и вербални докази дека се сопственост на Никола Груевски.
Не е прецизирано за колку објекти станува збор, но неофицијално се работи за 4 станови, два на улицата „Бихаќка“, на име на Надежда Груевска како и еден во Капиштец и еден во Аеродром.
Истрагата ја води обвинителката Лиле Стефановска во рамки на случајот „Плацеви на Водно“ во кој екс премиерот Груевски е првоосомничен дека со пари кои во партијата ВМРО-ДПМНЕ се слевале од членството, купувал плацеви на Водно.