Сонцето, новото уставното име, меѓународниот МК код и бројот 30 се симболите обединети на традиционалната црвена основа со кои се потенцира нашата државност на дизајнот на логото што ќе се користи по повод јубилејот 30 години од независноста на државата.

Логото по повод 30-годишнината од независноста на нашата држава ќе се применува на сите јавни настани на државните институции во претстојниот период и ќе биде достапен на сите граѓани, како дел од визуелизацијата на програмата за одбележување на – 30 години од референдумот за независност.

-Дизајнот на логото е инспириран од македонската државност, од денот кога граѓаните одлучија да имаме независна Република Македонија и од се она што денес нашата Северна Македонија го носи со себе како демократска држава определена за мир, демократија, соработка и развој, информира денеска на прес-конференција портпаролот на Владата, Душко Арсовски.

Одбележувањето на 30-годишнината од независнсота, посочи Арсовски, ќе биде со проекти кои ќе може да се проследат до месец септември, а кои се поддржани во рамки на петтиот пакет мерки, наменет за индустријата за организирање настани.