Негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик не е само долг кон делото на академикот Блаже Конески, туку и долг кон самите себеси, кон сите наши предци и кон идните генерации, порача денеска претседателот Стево Пендаровски на промоција на поштенска марка со ликот на Блаже Конески, во рамки на одбележувањето на јубилејот-100 години од неговото раѓање.
Марката е издадена во 6.000 примероци. Илустрирана е со портретот на Конески, дело на академик Димитар Кондовски. Во вредност од 72 денара може да се најде во Бирото за филателија во Пошта 2 во Скопје.
Како што потсети Пендаровски, на промоцијата на книгата „Борба за македонски литературен јазик“ во 1987 на Трајко Стаматовски, кој не напушти пред неколку дена, Конески ја искажа познатата и често цитирана мисла за јазикот како единствена комплетна татковина, односно најголемо приближување до идеалната татковина.
– Тогаш Конески го рече и следново „И во моменти на раслојувања и колебања, последно што треба да ни паѓа на ум е да ги поставуваме под прашање придобивките на нашата самостојна акција на јазичен план“. За жал, и после децении од кодифицирањето на македонскиот јазик и неговото верифицирање од страна на светската лингвистичка наука, сведоци сме на негации и притисоци. Сепак, ме радува фактот што барем внатрешно немаме никакви колебања и што обединети стоиме во одбрана на македонскиот јазик, рече претседателот.
Негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, дополни шефот на дрѓавата, не е само долг кон делото на академикот Конески, туку и долг кон самите себеси, долг кон сите наши предци, долг кон идните генерации.
– Заштитата и негувањето на македонскиот јазик е исто така и обврска не само кон оние чиј мајчин јазик е македонскиот, туку и кон сите оние кои го употребуваат како официјален во независна и самостојна Република Северна Македонија, но и кон сите лингвисти, слависти и македонисти кои го проучувале и изучувале, кон сите преведувачи кои преведувале и преведуваат од или на македонски. На крајот на краиштата тоа е долг кон науката, кон вистината и кон правдата. Затоа во годината на Конески, но и во секоја следна како општество, но и како поединци, обични граѓани или претставници на институции, да работиме сплотено и одговорно во афирмација и промоција на неговото дело, порача Пендаровски.
Министерката за култура Ирена Стефоска потенцираше дека Конески е наша национална гордост. – Секој негов збор истовремено е и порака и аманет, наша должност, наша обврска е да не заборавиме да ги пренесуваме на идните генерации како аманет кон нив, рече Стефоска.
Промоцијата на поштенската марка, укажа таа, е само дел од обемната програма насловена „2021 година во чест на Блаже Конески“. Веќе се изработуваат и повеќе видови логоа, потоа видеа за животот и делото на Блаже Конески, веб анимации со анимирани текстови од поезијата и цитати, како и аудиовизуелни спотови со песни на повеќе јазици. – Предвидено е и издавање на книги, монографии, пригодни академски изданија и зборници посветени на ликот и делото на Конески, научно-наставни проекти, конференции, како и промоција на дигиталното издание на толковниот речник на македонскиот јазик, рече Стефоска.
Неодамна, на 21 март по повод Светскиот ден на поезијата, во седиштето на УНЕСКО во Париз беше организиран настан во чест на Конески. Во септември ќе се реализира чествување на Конески и во Риека, Хрватска и во Галовеј, Ирска, двата града кои се европски престолнини на културата. Исто така, најави Стефоска, ќе се организира и чествување и во Софија, соседна Бугарија. Во рамки на манифестацијата Охридско лето ќе се реализира концерт со изведба на дела инспирирани од ликот и делот на Блаже Конески, ќе бидат реализирани и повеќе изложби на фотографии, аудиовизуелни материјали, портрети, ракописи, книги, илустрации на негови книжевни дела. Поетската манифестација Струшки вечери на поезијата. која годинава одбележува 60 години од постоењето, во рамките на програмата ќе организира и посета на странски поети не само во Струга, туку и во Спомен-куќата на Конески во Небрегово и редица други манифестации како дел од Струшките вечери на поезијата, информира Стефоска, најавувајќи и конкурси за ученици во основните училишта, како и за млади автори за создавање дела инспирирани од поезијата на Блаже Конески.
Претседателот на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов, пак, нагласи дека Конески е наша традициција, темелник на македонската култура во 20 век и светилник на својот македонски народ.
– Се служиме со неговата граматика, го употребуваме нашиот стандарден македонски јазик, ја објаснуваме историјата на нашиот македонски јазик служејќи се со неговата историја на македонскиот јазик, ги оживуваме нашите дејци од 19 век, создаваме емоции кон нив благодарајќи на неговите трудови посветени на историјата на македонскиот писмен јазик, рече Спасов.