Министерката за образование и наука Весна Јаневска се обрати на свечената промоција на магистрирани и дипломирани студенти на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„За вас, изминатите години беа период на учење, градење пријателства, стекнување нови искуства и растење во личности со вредности и самодоверба. Верувам дека дипломите што ги заслуживте ќе ви донесат успех во работата и воопшто во животот. Би сакала за добар дел од вас, овие дипломи да бидат основа за идно академско и професионално усовршување. Затоа што, вие сте најдоброто што оваа земја го има, и од вашите знаења, умеења и работа зависи напредокот на сите нас. Да бидете оние кои градат добри патишта, стабилни мостови и безбедни згради, да бидете цврстата потпора на иднината на Македонија во делот на градежништвото“, рече Јаневска.

Посочувајќи дека со знаењето кое го стекнале, за дел од младите може да биде предизвик да заминат од државата, Јаневска кажа дека поголем предизвик треба да им биде градењето на својата држава и со нивниот ангажман да ја направат поубаво место за живеење.

„Колку ќе биде поголема бројката млади што размислуваат на овој начин, толку и Македонија ќе биде попросперитетна. А како министерство работиме за да овозможиме во текот на студиите да стекнат што поквалитетни знаења. Во оваа насока се промените во делот на регулативата, одвојувањето повеќе пари за наука, реформите, соработката со студентските здруженија, подобрувањето на студентскиот стандард“, нагласи министерката.

Градежниот факултет во Скопје е најстарата и најзначајна научно-истражувачка установа во Македонија од областа на градежништвото, геодезијата и геотехниката што ги вклучува современите технолошки достигнувања во едукативниот и истражувачкиот простор.

„Градежните инженери од овој факултет се покажаа како добро стручно оспособени лица и се добро прифатени во македонското и светското градежништво. На Градежниот факултет му посакувам и натаму да го задржи и надгради академското рамниште и да продолжи со општествено одговорни ангажмани, како што е учеството во довршувањето на зградите на Факултетот за физичка култура и на ФИНКИ во Скопје, за што им благодарам на професорите предводени од деканот Марковски“, рече Јаневска.