На 22 мај (четврток) од 18:30 часот, во просториите на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија (ул. „Обориште“ 7), ќе се одржи промоцијата на романот „Виенски гамбит“ од македонскиот автор Анде Јанков, јавува Трибуна.
Книгата е издадена од бугарската издавачка куќа „Персеј“, адаптацијата на бугарски јазик од македонскиот оригинал е дело на Маријан Петров, а дизајнот на корицата го потпишува Стефан Тотев. На промоцијата ќе зборуваат издавачот и литературен критичар Пламен Тотев, Петров и самиот автор, кој специјално ќе допатува во Софија за средба со читателите.
„Виенски гамбит“ е психолошки трилер што го следи инспекторот Виктор Николов од Одделот за тешки кривични дела во Скопје. За време на посета кај својот брат Даниел во Виена, Виктор се вклучува во истрага за убиство во која главен осомничен е токму неговиот брат. Меѓу личните дилеми, емотивните судири и професионалните предизвици, инспекторот се соочува со прашања кои ја разнишуваат границата меѓу довербата, должноста и вистината. Романот се одликува со динамична нарација, неизвесност и вешто развиена интрига која читателот го држи во напнатост до последната страница.
Анде Јанков (1988, Велес) е еден од најистакнатите и најчитаните автори во жанрот на криминалистичка проза во Република Северна Македонија. Со свеж и современ пристап кон жанрот, Јанков ги освои читателите со својот оригинален стил и напнати приказни, а „Виенски гамбит“ претставува одличен пример за неговиот раскажувачки талент. Дипломиран економист од Економскиот факултет во Скопје, активно пишува од 2015 година. Автор е на неколку романи, основач на поткастот „Книжевни разговори“ и член на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес.