В петок ќе се одржи промоцијата на втората збирка раскази на Стефан Алијевиќ, „Наназад“ во издание на издавачката куќа Илика. Настанот ќе започне во 20:00 часот, во КСП Центар-Јадро, а промоторки на книгата ќе бидат Румена Бужаровска и Јана Медиќ. По промоцијата, организаторите покануваат на афтер-промо забава во кафе-бар „Љубов“ со DJ Ginger.

Прозата на Алијевиќ се поигрува со границите на автофиктивното и фиктивното писмо. Се движи низ состојбите на сонот и реалноста, сеќавањето и заборавот, интимното и политичкото. Неговите раскази се повеќеслојни, хибридни и во жанровска и во значенска смисла, и можат да се разгледуваат низ повеќе призми, меѓу нив и ангажираните квир, еколошки и феминистички перспективи, но во ниту една не можеме да кажеме дека овој автор целосно припаѓа.

Петар Андоновски за книгата пишува: „Кај Алијевиќ ништо не е под тепих, сè е на површина и сè е видливо. Расказите од „Наназад“ се рибина коска во грлото на општеството“. Оваа збирка раскази служи како книжевен документ, запис од едно бурно време на лични и колективни промени. Книгава нè носи назад во времето, нурнува низ авторовото детство, но не застанува таму, туку постојано трага по излезот кон подобра иднина.

Стефан Алијевиќ (Гевгелија, 1991) завршил студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите по Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност. Во 2022 година ја објавува својата прва книга раскази, „Вечерен автобус“, за која во 2023 ја добива регионалната награда „Штефица Цвек“ за најдобра ангажирана феминистичка и квир книжевност. Раскази од Стефан се објавени во повеќе книжевни списанија, антологии и книги во земјава. Алијевиќ е преведуван на хрватски, српски и на албански јазик.

Текстот Промоција на збирката раскази „Наназад“ од Стефан Алијевиќ е превземен од МАКФАКС.