Иако своевремено, мора да признаам, бев фасцинирана од ликот и делото на Elon Musk, како поминува времето, така и моите симпатии кон оваа фигура целосно исчезнaа. Пред се, поради тоа што тој постана олицетворение на т.н. “надзорен капитализам (S. Zuboff)” и пропратните перверзии кои ги носи со себе во смисла на целосна морална дефектура.
Како таков, надзорниот капитализам дејствува загрижувачики – бидејќи крајно ефектно и интензивно успева во изместувањето на границите на либералната демократија и нив ги предизвикува до мера, би рекла, на поттикнување на уплав заради масивните интервенции кои ги врши врз однесувањето на луѓето.
Дигиталниот свет, поточно, неговите нус ефекти, оттука, се и една од клучните окосници низ кои “западната демократска хемисфера “ ја третира демократијата и затоа во тек се водат многу тешки битки што по судови, што низ јакнење на регулативите, што низ сајбер војните. Една таква битка е и она поврзана со потребата од регулирањето на дигиталниот пазар и ограничувањето на економскиот и дигиталниот суверенитет на дигиталниот свет. Особено на BigData компаниите како на пример на т.н. TERRIBLE 5 : GAFAM [Google, Apple, Facebook, Amazon, Microsoft].
Слично, не многу оддамна имавме и прилика да го проследиме сослушувањето на Mark Zuckenberg во Конгресот на САД, а токму во врска со злоупотребата на податоците, можностите за мешањето во изборните резулати, алгоритамските комори кои поттикнуваат говор на омраза или агрегираат радикални фундаменталисти по сите основи, а секако преку профитерско ориентираните образци – кои пак ќе повторам: масивно го менуваат однесувањето на луѓето. Зубоф, на која реферирав погоре, затоа и зборува за т.н. “бихевиорален сурплус”, благодарение на кој впрочем денешниот капитализам се саморепродуцира и ова е тотално нова а битна перспектива за секој што себе се смета за прогесивен или за социјалдемократ.
Скандалот со Кембриџ Аналитика, исто така, допринесе кон зголемена загриженост во врска со статусот на дигиталните компании, и воопшто на пазарот на податоците со кои тие располагаат. Конечно, консеквентно, легитимно, најакутно и најактулено прашање е какви предизвици за демократијата носи пазарниот аспект на дигиталниот свет, т.е. каде се границите меѓу придобивките од него и од неговата злоупотреба против демократијата?!
Овие прашања другар(к)и се меѓу првите на прогресивната агенда (на пример кај PES на ниво на ЕУ). Затоа и решив да пишувам денес за нив. Убедена сум дека и македонското општество ќе мора да фати тек со овие предизвикувачки теми. Во спротивно, крајно неодговорно би било. Доколку ова не се истретира, се чини дека темната страна од дигиталниот свет се заканува целосно да ги уништи и укине принципите на либералната демократија, па и на самата социјалдемократија.
Во тој правец, прогресивната агенда денес (читај социјалдемократската) веројатно ќе треба да поведе сметка за она што се нарекува нов модел на дигитален хуманизам. Тој модел треба да ја заследи тековната дигитална трансформација за која толку многу се зборува, а која ни се случува во од.
Дигиталната трансформација е веќе залауфана како процес, сакале ние или не да го видиме тоа, но во моментов е предводена од неолибеларната логика, а не од социјалдемократскиот импетус. Затоа, во оваа тековна трансформација клучни и фундаментални треба да бидат принципите на либералната демократијата, а не оние на пазарната и неолибералната! Со други зборови, според социјалдемократската логика и нејзиниот вредносен корпус демократските принципи нужно би требало да преовладаат во оваа тековна трансформација која се остварува во хипертешнолошките услови на денешнината. Тоа е единствен прогесивен ракурс, денес.
Единствен, легитимен и нужно потребен социјалдемократски одговор. Нема друг, другарчиња! Или, би рекла постои една акутна потреба од социјалдемократската антиципација на долгорочните политички и општествени предизвици поврзани со дигиталниот свет, како што не упатува и F.Bria (https://progressivepost.eu/digitalisation-big-democracy-to-overcome-big-tech-and-big-state/) и тоа пред се : суспензија на монополскта моќ на дигиталните компании; потреба од нови видови даноци за дигиталните платформи; потреба од трговски регулативи за овој пазар; пресретнување на зголемената невработеност и на прекаризирањето на работната сила поради автоматизација; решавање на прашањата за граѓанските слободи и демократијата; осигурување на дигиталната приватност ; овозможување на технологија со отворени кодови; преносливост и споделување на податоци; алгоритамска транспарентност и одговорност итд … Или, новиот дигитален и пред се демократски хуманизам треба да се темели на принципите кои ќе ги избалансираат иновациите и нивната динамика со бескомпромисна одбрана на автономијата, демократијата и одржливоста (F.Bria).
Oттука, дигиталната трансформација симултано треба да постигне и демократска еманципација, но и социјална и еколошка одржливост. Ете тоа би била една важна тема денес. Вистински захтевна, можеби и исцрпувачка, но, доколку се игнорира, се плашам дека радикалните и конзервативните приказни може политички да мобилизираат далеку повеќе и далеку поопасно – до мера да се истркаламе повторно наназад во несреќна авторитарна епизода.
Ана Чупеска