Распад на системот – вака универзитетскиот професор Гордан Калајџиев ги коментира случувањата кои следуваа по претресот на Обвинителството за гонење организиран во Управата за финансиска полиција. Според него, кризата што произлезе од судирот Русковска-Муареми е многу проблематична за државата, а организираниот криминал секогаш бил тесно поврзан со политички елити. Во интервјуто за РСЕ, Калајџиев оцени дека е потребно и заседание на Советот за безбедност.

„Во моментот е загрижувачки тргањето на добар дел од практично половина од Обвинителството за организиран криминал, што е всушност распад на системот – како суспендирањето, така и оставката во Финансиската полиција. Малку е чудно што немаме, односно имаме молк од надлежните институции – Владата, Министерството за правда, па дури и претседателот“, изјави Гордан Калајџиев – универзитетски професор.

Калајџиев анализира дека судирот најпрвин започнал внатре во власта, а потоа се прелеал на релација Обвинителство-Финансиска полиција, за да заврши како судир меѓу самите обвинители. Професорот смета дека во битката победа извојува Финансиската полиција и рече дека досега било вообичаено републичкиот обвинител, во случајов Љубомир Јовески, да застане во одбрана на колегите. Калајџиев не навлезе во причините на Јовески за решението да ја суспендира Русковска и можноста тој да биде назначен за уставен судија.

„Практично обвинителот вината ја префрли врз своите обвинителки и се води дисциплинска постапка и кривична постапка против нив, а доколку беше доследен требаше и да ја сопре постапката против Финансиската полиција и нејзиниот в.д. директор, бидејќи ако навистина има тешки злоупотреби тогаш таа постапка е незаконска“, додаде Гордан Калајџиев – универзитетски професор.