Во рамките на Еразмус+ проектот „Уметничко патување кон зелена иднина“ (Artistic Journey to Green Future), денес Собранието на Република Северна Македонија го посетија професори од сите нивоа на образование од Хрватска, Турција, Малта и Шпанија.
Посетата беше организирана во соработка со Фондацијата – Меморијален центар „Никола Кљусев“. Од страна на Нена Неновска – Ѓорѓиевска од Фондацијата, пратениците беа запознаени со активностите и целите на проектот, по што следеше дискусија за темите што ги обединуваат образованието, уметноста и заштитата на животната средина.
Гостите имаа можност, покрај организираната обиколка на зградата на Собранието, да се сретнат и да разменат искуства со пратениците Велика Стојкова Серафимовска и Тони Јаревски, членови на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени.
Во отворен разговор, тие дискутираа за состојбите со животната средина, заштитата на водите, почвата и воздухот, како и за третманот на цврстиот отпад и другите предизвици во оваа област. Пратениците ги запознаа гостите и со работата на неформалната „Зелена група“ во Собранието, која се залага за унапредување на еколошките политики и зајакнување на јавната свест за климатските прашања.
Во текот на средбата беа поставени бројни прашања и споделени примери од практиките во различни европски земји, со заедничка порака дека одржливиот развој и заштитата на природата се заедничка одговорност.
Посетата претставува уште еден пример на успешна соработка меѓу образовните институции и Собранието, како и на важноста од интеркултурен дијалог и споделување на искуства во насока на зелена иднина.
Текстот Професори од четири европски држави во посета на Собранието е превземен од МАКФАКС.























