Без никакви пресметки, постои една едноставна логика поради што знаеме дека прележаноста, заедно со вакцинираноста, не се доволни. При дадено R0 летоска (преносливоста во летни услови) епидемијата зарази колку што беше потребно лица за да згасне самата од себе – беше постигната рамнотежа во услови на летна преносливост. Ни повеќе, ни помалку од тоа, појаснува професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски во неговата последна анализа за епидемиолошката состојба во Македонија.

Вели дека во услови на есенска или зимска преносливост (повисок R0), со оглед на тоа што со вакцинацијата не е значително намален бројот на чувствителните од летоска, епидемијата ќе мора да дозарази уште лица за да постигне нова рамнотежна состојба.

-Во меѓувреме ќе дојде и до попуштање на имунитетот против заразување поради изминато време од вакцинацијата, така што се чини дека е неизбежен втор дел на бранот на Делта сојот. Добрата вест е што сите понови соеви (Бета, Гама, Ета, Капа, Ламбда, Ми, C.1.2) ја губата трката со Делта сојот. Понов сој со уште поголема преносливост нема на видикот, така што по завршувањето на овој бран би требало да има само спорадично заразување (ќе го има уште долго време), но без вакви бранови како досега. Инаку, во светот има големо намалување на броевите на нови случаи, а кај починатите има рекордно ниски броеви, што не се видени подолго од една година. Но, тоа важи за земји со висок опфат со вакцинација или со ниска преносливост. Кај нас на Балканот, пред сé во Македонија и БиХ тоа не важи, па ние ќе продолжиме со неконтролирано заразување сé до постигнување природна рамнотежа. Тоа веројатно нема да биде колективен имунитет од заразување, туку ковид-19 би преминал во некаква сезонска болест, пишува проф. Трајковски.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.