„Во ситуација кога е загрозен највисокиот општествен интерес – народното здравје, на државата ѝ стојат на располагање мерки на принуда, рестрикција. Тие никогаш не се популарни. Тие се „нужно зло“! Но, потребни се за да не се пречекори капацитетот на болничките установи, да не колабира системот“, вели за ДВ епидемиологот и универзитетски професор Драган Даниловски, во пресрет на најавите за воведување на полициски час.
Тој смета дека сите што живееме во организирани општествени заедници, колективитети, мораме да знаеме кога треба да го отстапиме својот индивидуален суверенитет во полза на општиот интерес, народното здравје.
„За жал, секогаш постои едно малцинство (или мнозинство) граѓани кои тврдоглаво манифестираат егоизам, отсуство на емпатија „за својот ближен“. Тој егоизам директно ја компромитира целта на државата за зачувување на јавниот интерес, јавното здравје. Така, станува залудно одговорното однесување на оној друг сегмент граѓани“, вели д-р Даниловски.