Професионалните војници со навршени 45 години старост, меѓу останатите опции, ќе имаат можност и за префрлување во територијалните против-пожарни единици на работни места пожарникари-спасители. Веќе 16 поранешни професионални војници својата кариера ја продолжуваат како пожарникари и тоа осум лица во Скопје, пет лица стануваат пожарникари во Кичево, а тројца од нив во општина Валандово.
Државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ денеска на прес-конференција соопшти дека Министерството за одбрана посветено работи на спроведување на законската обврска околу грижата за професионалните војници коишто со навршени 45 години возраст ја напуштаат Армијата.
Државниот секретар информираше дека паралелно со новата можност се реализира и трансферот на професионалните војници и во други органи на државната и локалната власт согласно законот и потребите.
Во моментот се реализира преземање на професионалните војници и во Управата за извршување на санкции, на работни места затворски надзорници во неколку Казнено-поправни установи во Републиката и тоа во Идризово, Штип, Куманово, Велес.