Наместо да започне да опаѓа, ефективниот репродукциски број Rt продолжува да расте и денеска ја проби дури и психолошката граница од 3,0. Во други земји од овој бран обично неговата ведност започнала да се намалува по достигнувањето на тројката, но кај нас нема гаранција. Во Тетово дури и да се стабилизира, во Скопје, Гостивар и Куманово веќе гори, а допрва еден по еден ќе избувнуваат и градовите на истокот и југот на земјата. Се уште не сме достигнале ни половина од максималните дневни бројки, а 2.000 нови случаи дневно се на дофат на раката, под услов да се држи чекор со тестирањата.
Фрапантна е незаинтересираноста на властите да го обуздаат растот, се чини како да посакуваат врвот што побргу да настапи, без разлика на дневните броеви, а тие ќе бидат досега невидени кај нас, смета професорот на Техничкиот факултет во Битола Дејан Трајковски.
Со која памет ќе ги тераат наставниците да одат на работа (колку да не седат дома и „да си ја оправдале платата“), кога таму освен размена на вируси немаат никаква друга работа пред 1 септември, а веројатно и потоа. Барем тие можат да седат дома и колку-толку да ја намалат преносливоста, но изгледа дека од тоа нема ништо да биде. Луѓето ќе се заразуваат, ќе го носат вирусот дома, ќе создаваат нови страдања, а сето тоа без никаква потреба и се разбира никој нема да одговара за тоа.
Јас лично веќе со денови избегнувам продавници со многу луѓе, а наскоро ќе започнам со телефонски порачки и преземање на производите на улица, целосно избегнувајќи вдишување контаминиран воздух. Подобро и така, отколку да се заразиме па да бараме помош од комшии и пријатели за домашна достава, сме го поминале тоа. Ова нема вечно да трае, за 2-3 месеци би требало да излеземе од овој, но и есенскиот бран. За толку ќе издржиме, пишува проф. Трајковски.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.