Судиите треба повеќе да го користат Советодавното тело за судиска етика во насока на отворање внатрешен дијалог за разрешување на етичките дилеми кои се јавуваат при однесувањето на судиите и судиите поротници и преку давање советодавни мислења да се воспостават нови етички принципи кои ќе бидат патоказ за нивно однесување како во судот, така и во јавниот живот.
Поттикнувањето на внатрешен дијалог на судиите во рамки на ова тело има за цел и проектот „Функционализација и операционализација на Советодавното тело за судиска етика во Северна Македонија”, што се спроведува со поддршка од УСАИД од Здружението на судии на Северна Македонија.
На денешната конференција за промиција на проектот, судијата во Врховниот суд и претседател на Здружението на судии на Северна Македонија, Џемаили Саити, посочи дека етичкото однесување не претставува основ за разрешување или дисциплинска одговорност, но, како што нагласи, по наше убедување етичкото однесување е движечкиот фактор на судскиот интегритет и независност во целина.
– Здружението на судиите има формирани тела, односно тело за судиска етика кое што треба да воспостави дијалог со колетите судии во однос на етички прашања кои би требало да бидат и се сегмент на судиската одговорност индиректна и се сегмент и на судискиот интегритет, изјави Саити.
Врховниот судија и новоизбран претседател на Советодавното тело за судиска етика Шпенд Девај, во воведното обраќање, посочи дека етиката и моралот се растеглива категорија и не може секогаш да се донесат прецизни правила со кои некои правила би се ограничувале, но и дека има многу прашања и морални дилеми за кои треба да дадат одговор.
– Судиите и покрај тоа што вршиме судска функција, учествуваме и во јавниот живот. Не можеме да се исклучиме од јавниот живот и да немаме никаков придонос. Ние не можеме да избегаме од тие дебати, но прашањето е како ќе се поставиме во однос на тие прашања. Сепак имаме човечки интегритет, имаме судиски интегритет и на крај имаме интегритет на институцијата. Ние мора да ги разграничиме тие работи и не треба да се плашиме од учество во дебати, изјави Девај.
Директорот на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, Горан Лазаревски, на промоцијата на проектот рече дека и на судиите и поротници некогаш им се потребни помош и совет во одредени дилеми кои се јавуваат.
-Наша цел е евентуални грешки и пропусти кои се ненамерни да се минимизираат и да отвориме канал за консултации за оние кои сакаат да работат подобро. Според нашите сознанија и консултации со колегите од Здружението на судии има широк простор за консултации, судиите треба да се охрабат и поинтензивно да го користат овој канал откако ќе ја видат неговата додадена вредност, изјави Лазаревски.
Досега од страна на судиите пред Етичкиот комитет, кое е тело за судиска етика, се поставени само две прашања – едно кое се однеусва на тоа дали судиите може да бидат корисници на социјалните мрежи и второто дали може судија да биде член на Ротари клуб. Тие се одговорени и објавени на веб страницата на Здружението.