Најмалку седум лица загинаа, а осум се ранети во руски напад на преполн пазар во градот Авдиивка, изјави гувернерот на Доњецк. Авдиивка е град од регионално значење во регионот.

„Русите го погодија централниот пазар каде што имаше многу луѓе во тоа време“, соопшти Павло Кириленко, додавајќи дека „нема воена логика“ за таков напад. Неговата изјава беше придружена со фотографии од трупови и оштетени тезги на пазарот.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека западните сили разговараат за начините да ѝ обезбедат на Украина поголема воздушна одбрана во време кога Русија изведува воздушни напади.

„Ќе го решиме прашањето како да ја зголемиме поддршката за Украина, а главен приоритет ќе биде поголема воздушна одбрана за Украина“, рече Столтенберг.

На прашањето што очекуваат од НАТО денеска, украинскиот министер за одбрана Резников кратко одговори:

Претставници на повеќе од 50 земји се собраа на состанокот на НАТО во Брисел за да разговараат за зголемување на помошта за воздушна одбрана за Украина.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Зеленски побара од лидерите на Групата седум најразвиени земји (Г7) да обезбедат поголема помош за воздушна одбрана за неговата земја да може да ги неутрализира руските воздушни напади. Тој рече дека системите за противвоздушна одбрана се клучен елемент за запирање на теророт и ракетните напади од Русија.

Претседателот на САД, Џо Бајден изјави дека рускиот претседател Владимир Путин погрешно ги проценил можностите на Русија да ја нападне Украина. Бајден рече дека не верува оти Москва ќе употреби тактичко нуклеарно оружје против својот сосед и покрај прикриените руски закани за можна употреба на такво оружје.

Од друга страна, Федералната служба за безбедност на Русија соопшти дека уапсила пет Руси и тројца државјани на Украина и Ерменија во врска со експлозијата што го оштети Кримскиот мост. Експлозијата на мостот кој ги поврзува Русија и анектираниот украински полуостров, се случи на 8 октомври. Москва тврди дека експлозијата била организирана од главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина и директорот на оваа институција Кирило Буданов. Како одмазда, руските сили извршија масовни ракетни напади врз украинските градови и објекти клучни за снабдување со електрична енергија.

Алсат