Рестрикциите на грчката Влада и посебните правила за влез во земјата преку граничниот премин Евзони (Богородица), кои важат и за возачите на камиони и понатаму, создаваат проблеми за транспортерите и редици на границата, а од СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ размислуваат за одржување нов протест, јави дописничката на МИА од Атина. 

Воведеното временско ограничување за влез на камиони од Евзони, меѓу 7 и 19 часот, како и бавниот процес на спроведување на брзите тестови од екипите на Националната организација за јавно здравје, се главните проблеми со кои се соочуваат транспортерите, како што за МИА објаснува претседателот на Федерацијата на транспортери на Грција, Апостолос Кенанидис.

– Advertisement –

-Бараме конкретниот граничен премин, што е главен влез и главен излез на камионите од Грција кон Европа да работи 24 часа, како во изминатите години и да се зајакнат тимовите на Националната организација за јавно здравје на Грција што вршат брзи тестови. Нека ги тестираат сите возачи, но не со еден тим, на пример да има три мобилни тимови, да се зајакнат, за да можат да постигнат да ги тестираат сите, вели Кенанидис.

Претседателот на Федерацијата во разговор со дописничката на МИА од Атина објаснува дека под нормални услови преку Евзони дневно, поминуваат по 2.000 камиони, 1.000 за влез и уште толку за излез од Грција.