Новите мерки се класичен фашизам обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Никој нема право на никого да го ограничи нечие правото на движење, само поради тоа што така им текнало на Заев и Филипче, вели портпаролот на опозициската партија, Димче Арсовски.
Од СДСМ излегоа со контра одговор. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го нарекоа медицински пироман кој повторно е на страната на корона вирусот, а не на страната на здравјето на граѓаните.
„Новите мерки и масовната вакцинација се во насока на заштита на здравјето на граѓаните и колективното здравје откако новиот сој на корона вирусот почна да се шири.Мерките кои веќе се применуваат во многу други земји, не ги делат луѓето туку го заштитуваат нивното и колективното здравје. Ничие лично право не е и не може да биде над правото на заштита на здравјето на граѓаните. Наместо да повика на доследно почитување на постоечките мерки за заштита и масовна вакцинација на граѓаните медицинскиот пироман Христијан Мицкоски повторно е на страната на корона вирусот“, велат од СДСМ.
Препукувањата помеѓу владејачката партија СДСМ и опозициската, ВМРО-ДПМНЕ, почнаа по владината одлука за заострување на мерките за заштита од КОВИД-19. Меѓу нив и задолжителното поседување на сертификатот за имунизација, барем првата доза и задолжителната контрола на потврдите за вакцинација на влезот на секој објект, вклучувајќи ги и хотелските капацитети, каде има повеќе од 30 луѓе за секаков вид настани.