Продолжува потрагата во езерото Глажња по 30 годишното лице од липковското село Никуштак кое вчера влезе во водите на браната и не излезе. Трите тимови нуркачи од „Тигрите“ ги пребаруваат водите на езерото, информираше директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Наскоро ќе биде употребен и таканаречен „аквадрон“ кој ќе го користат екипи на Дирекција за заштита и спасување на пребарување на дното на вештачкото езеро во Липково.
– Бидејќи вчeра не беше пронајдено лицето, денеска потрагата продолжи со три тима на специјалците кои со опрема влегуваат до 40 метри длабочина на езерото. Да напоменам дека видливоста е многу мала некои 40 сантиметри што го отежнува нуркањето и пребарувањето на теренот, кој е многу стрмен. Покрај СВР Куманово, „Тигри“ имаме и екипи на Дирекција за заштита и спасување кои со чамец го пребаруваат брегот на езерото и воедно има и нуркачи од дирекцијата кои не нуркаат но во секој момент очекуваме да пристигне воден „аквадрон“ со кој ќе се обидат да го пребараат дното. Доколку потрагата не даде резултати рано наутро со дополнителни тимови нуркачи од „Тигрите“ и на Дирекција за заштита и спасување поддржани од тимови на СВР Куманово заеднички напори ќе ја продолжат потрагата, изјави Ангелов.
И од АД Водостопанство „Кумановско липковско поле“ информираа дека е стопиран темелниот испуст за да им се помогне на екипите во пребарувањето и да не се создаваат струи во езерото.
– Водата на темелниот испуст на брана Глажња е затворена, со цел да се намали струењето на водата во браната, и да можат нуркачите да работат, изјави директорот, Оливер Илиевски.
Потрaгата по исчезнатиот млад жител на липковското Никуштак трае од вчера кога тој во попладневните часови влегол во водите на Глажња и не излегол.