Во Европската комисија во Брисел продолжуваат објаснувачките скрининг состаноци, а денеска почна објаснувачката анализа за вториот кластер – Внатрешен пазар, со посебен акцент на поглавјето 4 – Слободно движење на капиталот.
Државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања и заменик главен преговарач на Северна Македонија со Европската Унија, Дрита Абдиу Халили истакна дека земјава има направено низа промени во однос на усогласување на националното законодавство со ЕУ во областа на Слободно движење на капиталот.
Од СЕП посочуваат дека нашата делегација ќе ги слушне искуствата и советите на Европската комисија за начинот како ние како земја можеме подобро да ги исполниме барањата за успешна интеграција кон единствениот пазар на Европската Унија.
На состанокот, додаваат од СЕП, исто така беа претставени и новите предлози на законодавството на ЕУ во однос на системите за брзо плаќање кои се во функција на слободното движење на капиталот.
Слободното движење на капиталот претставува еден од основните столбови на Европската унија заедно со движењето на стоки, луѓе и услуги. Вклучува широк опсег на политики кои обезбедуваат поголем просперитет, економска благосостојба, нови работни места и слободно движење на капиталот.
Слободното движење на капиталот е основата на слободниот пазар на ЕУ. Европската комисија денеска претстави делови од новата ЕУ легислатива во однос на борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот.
На 10 октомври ќе се одржи објаснувачки состанок за Поглавје 1 слободно движење на стоки и Поглавје 3 Право на основање и слобода на давање услуги.
На 27 септември заврши објаснувачкиот скрининг за првиот Кластер „Темели“ или „Фундаментални вредности“ на ЕУ, во којшто се опфатени владеењето на правото, политиките на добро владеење, реформите во јавната администрација и менаџирањето со јавните финансии.
На 8 ноември се очекува да започне билатералниот скрининг со ЕУ и ќе се одвива паралелно со објаснувачкиот. Во објаснувачкиот скрининг ЕУ дава ажурирање на се она што е ново во законодавството, со оглед на тоа дека се поминати неколку години од првите објаснувачки состаноци што ги имаше земјава со Унијата во 2019 година. Во билатералниот скрининг, пак, државава ќе треба да го презентира степенот на усогласеност на законодавството со ЕУ, календар за натамошното усогласување, начинот на градење инстиуционални, административни и останати капацитети за точно имплементирање на европските стандарди.
Скринингот за усогласување на нашето законодавство со тоа на ЕУ официјално почна на 15 септември, и според очекувањата ќе трае до ноември 2023 година.