Од заеднички прослави за победа на локалните избори во 2021 година, до препукувања, обвинувања и критики. Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, која ја имаше целосната поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за време на нејзината кандидатура за градоначалник, а и по стапувањето на функцијата, веќе неколку дена е во вербален конфликт со партијата.

Несогласувањата помеѓу двете страни следат по напуштањето на Златко Перински од функцијата в.д директор на ЈП „Водовод и канализација“ и Ѓоко Велевски од функцијата генералниот секретар на Град Скопје.

Разрешувања или оставки?! Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека директорите дале оставка, бидејќи немале координација со градоначалничката и дека од нејзина страна не биле запазени принципите според кои се води партијата.

Меѓутоа, градоначалничката Арсовска вели дека ги разрешила, откако увидела дека вршат незаконити дејствија, истакнувајќи дека доказите ќе ги достави до Јавно обвинителство

-Раководството од Град Скопје го разреши Златко Перински, в.д директорот на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за милионски тендер. Поради обиди за влијание кои се сметаат за тенденција која ги потврдува основаните сомнежи на Град Скопје за самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач на тендер вреден 136 милиони евра, за изведба на пречистителна станица, Перински е разрешен на 09.09.2022 година, стои во соопштението од Град Скопје.

Заедно сo Перински, беше разрешен и секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски со образложение дека имал влијание во спорната тендерска постапка.

Несогласувањата меѓу градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ добијаа на интензитет во Советот на Град Скопје, откако на седницата за советнички прашања беа изнесени меѓусебни обвинувања на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска.

Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Луке Галески ја обвини Арсовска дека вршела влијание и побарала смена на Комисијата за евалуација на понудите за проектот за пречистителната станица за што беше разрешен директорот на „Водовод и канализација“, Златко Перински.

На ова реагираше градоначалничката која упати остри критики до ВМРО-ДПМНЕ, особено до претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

– Како до вчера бев најдобар градоначалник на Скопје, а откако ви го фатив директорчето со рачето во мед, сега наеднаш не чинам. На сите тие прашања ќе си дојдат одговорите. Но, мене како што гледаш не ми трепери гласот и не ми се тресат рачињата кога ви се обраќа. За тој спорен тендер има кој да си одговори зошто не постапувал како што треба. Јас ќе си продолжам по патот на правдата како што беше и досега. Ама Мицкоски од тендер матрицата нема никогаш да излезе, реплицира Арсовска.

Перински пак, и порача на градоначалничката дека ќе има доста за објаснување, затоа што според ЕИБ целиот проект се води согласно водичот за набавки на банката.

Мицкоски верува во чесното работење на директорите, а на Арсовска и порача да се извини, во спротивно ќе се соочи со кривична пријава за клевета, потенцирајќи ја разочараноста во работењето на градоначалничката.

-Луѓето што ме познаваат знаат дека не сум човек кој врши притисоци или се заканува. Благодарение на ВМРО-ДПМНЕ и скопјани успеавме да победиме на претходните локални избори и застанавме околу концептот за модерно Скопје на независниот кандидат Данела Арсовска. Само сакам да и посакам многу успех во работата и проектите кои се дел од концептот за модерно Скопје да бидат реализирани зашто изминатава годиа помина, но, за жал, од тие ветувања не видовме ништо и јасно и ставивме до знаење дека сме разочарани, подвлече Мицкоски.

Од Град Скопје информираа дека се ревидира причината за вработување на речиси 100 лица во ЈП „Водовод и канализација“ од страна на Перински .

– Градот Скопје нема да толерира расипничко однесување кое претставува дополнителен товар врз буџетот во услови на економска и енергетска криза. Од тие причини се ревидира оправданоста на новите вработувања во ЈП Водовод и канализација – Скопје. Партизацијата и корупцијата е рак на македонското општество, но и на државните институции кои повеќе од 30 години се деградирани од однесувањето на одредени поединци, истакнаа од Град Скопје.

На ова реагираа и ВМРО-ДПМНЕ, но и Сојузот на Синдикати на Македонија.

Од партијата овој чекор го оценија како фрустрација врз недолжни лица.

-Во време на најголема криза во најава, од работа се планира да се избркаат 100 работници од ова јавно претпријатие. Без објаснување каде овие луѓе згрешиле. Без замерки за нивната работа. Без аргументи. Знаеме дека во периодот од 05.07.22 до 07.07.22 во ова јавно претпријатие извршен е инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат на труд, за кој има записник, дека се во врска со работните односи е кристално чисто и дека Водовод е институција каде сите влезови и излези се евидентирани на електронски систем, како и со потпишани пропусници и за службен и за приватен излез на вработените. Значи нема отсуства од работа и нема недостатоци, изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) пак, побараа од Градоначалничката на Град Скопје, Дан­ела Арсовска да ја преиспита одлуката на новоназначениот в.д директор на ЈП Водовод и канализа­ција Скопје за прекин на договорите за вработување на преку 100 вработени во јавното претпријатие, и побараа во услови на светска економска и енергетска криза и неизвесност на глобал­но ниво да не се дозв­оли да останат на улица преку 100 фамилии.

По се изгледа дека апелот до градоначалничката не беше успешен, бидејќи ден подоцна од ССМ излегоа повторно со порака која гласи „Стоп за тортурата врз вработените во Водовод и канализација“.

Во меѓувреме Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи влегоа во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Од ОЈО информираа дека е известен јавен обвинител и дека обвинителството ќе постапи согласно надлежностите доколку органите во чија надлежност е откривањето на криминал утврдат елементи на кривично дело.

– Во овој момент обвинителството има консултативна и координативна улога и јавниот обвинител редовно се известува за преземените дејствија. Доколку органите во чија надлежност е откривањето на криминал утврдат елементи на кривично дело, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности, рекоа од ОЈО.

По напуштањето на функциите од страна на Златко Перински и Ѓоко Велковски, оставки поднесоа и директорите на уште неколку јавни претпријатија коишто се под надлежност на Град Скопје посочувајќи дека немаат комуникација со градоначалничката Арсовска.