Интензивна дипломатска активност се одвива овие денови на македонските владини претставници за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ. Владата во меѓувреме го повтори ставот дека идентитетот и јазикот не смеат во ниту еден случај да бидат предмет на преговори, државата ги спроведе сите реформи, нивната имплементација е трната преку процесот за европските стандарди дома, исполнети се сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот на преговори за членство.
По средбите во Брисел изминативе денови, премиерот Зоран Заев вчера во Мадрид на средбата со претседателот на шпанската Влада Педро Санчез, добил јасна поддршка дека Шпанија е силен поддржувач на Северна Македонија и се залага за одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ и со тоа старт на преговорите за членство.
Сите граѓани на Република Северна Македонија, треба да знаат дека Шпанија е цврсто посветена на влезот на нивната земја во Европската Унија. Ние го поздравуваме членствотo во НАТО и секогаш ќе го поддржуваме влезот на Република Северна Македонија во Европската Унија, Санчез во видео пораката до македонските граѓани по средбата со премиерот Зоран Заев.
Премиерот, но исто така и сите граѓани на Република Северна Македонија, треба да знаат дека Шпанија е земја која е цврсто посветена на влезот на нивната земја во Европската Унија. Ние го поздравуваме нивното членство во НАТО и секогаш ќе го поддржуваме влезот на Република Северна Македонија во Европската Унија, вели Санчез во видео пораката.
-И, исто така, би сакал да му оддадам почит на Зоран како личност, на мојот пријател Зоран, на неговата младост, но и на неговото раководство. Тоа е реформско раководство, кое е во корист на граѓаните на Северна Македонија, кое што несомнено претставува важен скок напред во сетот реформи кои што се спроведуваат и се од корист за нејзиниот (Северна Македонија) влез во Европската Унија. Следствено тој може да смета на поддршката на Шпанија, се надевам дека наскоро, порано отколку подоцна, во Европската Унија, вели Санчез.
Премиерите Заев и Санчез на средбата, на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, се согласија дека средбата е важна и заради евроинтеграциските процеси на Северна Македонија имајќи ја предвид силната поддршка од Шпанија за одржувањето на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ и со тоа старт на преговорите.
Шпанија многу високо ги оценува реформите што ги спроведува Северна Македонија, нагласи премиерот Санчез и потенцираше дека тоа, како и исполнувањето на другите критериуми за пристапување во ЕУ, се најважни процеси кои земјата ги оствари и испорача кон Брисел.
Поддршка од Мадрид процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, беше изразена и на средбата на шпанската министерка за надворешни работи, ЕУ и соработка Аранча Гонзалес Лаја со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Шефицата на дипломатијатана Шпанија изразила желба за што е можно побрзо усвојување на преговарачката рамка со ЕУ, како со Република Северна Македонија, така и со Албанија, заедно со почетокот на преговорите за приклучување.
Владата вчера излезе со став дека одвојувањето на Албанија и Северна Македонија не е во ничиј интерес и дека непринципиелноста од страна на ЕУ може да има последици за целиот регион. Двете земји треба да одат заедно низ целиот процес на интеграција на Западен Балкан и да се помагаат, изјави вчера владиниот портпарол Душко Арсовски.
Тој истакна дека друга алтернатива освен европската иднина за Северна Македонија и за Западен Балкан не постои и оти аспирација на нашата земја е да стане членка во ЕУ. Но, како што рече, македонскиот јазик и македонскиот идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смеат да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел. Северна Македонија, нагласи Арсовски, единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина.
-Премиерот Заев на средбите во Брисел беше јасен. Идентитетот и јазикот не смеат во ниту еден случај да бидат предмет на преговори. Државата ги спроведе сите реформи, нивната имплементација е трната преку процесот за европските стандарди дома, исполнети се сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот на преговори за членство. Македонија како никој досега заслужува да биде членка на ЕУ, рече Арсовски одговарајќи на новинарско прашање на редовната прес-конференција.
Според него, доказ за тоа е и што Северна Македонија има покажано европско однесување и вредности и дома и во регионот, но и во односите со самата Унија.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, вчера рече дека се уште верува дека постои можност да се влезе во посуштински разговори и со техничката Влада во Бугарија, имајќи предвид, како што рече, дека Бугарија во март минатата година даде веќе зелено светло за започнување преговори, односно кога се донесе политичката одлука, така што нема дилема дека има консензус по однос на одлуката за започнување преговори. Останува прашањето на текстот на преговарачката рамка како предуслов за одржување на првата меѓувладина конференција, изјави тој вчера на заедничката прес-конференција со неговиот унгарски колега Петер Сијарто.
Османи најави дека идната недела очекува да има поголема дипломатска активност за евентуално, како што подвлече, да може да се дојде до решение кое би ни овозможило да го преминеме овој чекор за да може да се одржи првата меѓуладфина конференција во јуни.
-Не можам да гарантирам кој ќе биде епилогот на тие активности и тие разговри, меѓутоа знам дека е во интерес на сите бидејќчи овој имагинарен ѕид што се постави пред Северна Македонија стана веќе тест на кредибилитетот и тоа го знаат земјите-членки, но го знае и Бугарија и дека врз основа на тоа ќе се обидеме да најдеме начин да стигнеме до решение.
Османи за средбите што ги имале во Брисел, рече дека уште еднаш била реафирмирана поддршката за почеток на преговори со Северна Македонија веднаш, но и дека земјава е најдобриот ученик во регионот што заслужува да ги почне преговорите и тоа го кажаа сите претставници со кои вчера имавме средба.
Претходно, техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Светлан Стоев, кој денеска ја презеде функцијата од досегашната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева во рамки на техничката Влада на Бугарија, рече дека немаат надлежност да ја променат позицијата на Бугарија кон Северна Македонија.
Како што рече, тоа зависи од официјалниот кабинет на Бугарија и од министерот за надворешни работи ќе биде сторено во насока на продолжување на дијалогот.
Тој истакна дека техничката Влада на Бугарија ќе продолжи да се придржува кон досегашните позиции на Бугарија за Република Северна Македонија. Според него, не би требало да се шпекулира дека ќе има некаква промена во бугарската позиција во следните два до три месеци додека трае техничката влада.
Шефот на унгарската дипломатија Сијарто, од своја страна, истакна дека Унгарија е безусловен и посветен поддржувач на евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Дадовме безусловна поддршка и за вашето членство во НАТО, и сметаме дека вашето место е во Европската Унија, која не може да биде комплетна без државите од Западен Балкан, и тоа е од обостран интерес, како за ЕУ така и за вас, рече Сијарто на прес-конференцијата со Османи.
Сијарто рече дека во следниот период ќе направат се, со цел земјава што побрзо да стане членка на ЕУ.
-Се надевам дека сите земји-членки во предвид ќе го имаат интересот на ЕУ, а тој интерес е државите од Западен Балкан станат што побрзо членки на Унијата. Ако тоа зависи од нас тогаш вие ќе станете многу брзо членка на ЕУ, и еврокомесарот Вархеји и Владата на Унгарија сме посветени поддржувачи на вашите евроатлантска интеграција и се надеваме дека во иднина нема да има потреба за поставување на никакви методолошки прашања во овој процес, рече Сијарто.
Тој, уште еднаш, го нагласи противењето на Унгарија за обременување на процесот на проширување на ЕУ со внесување на билатерални прашања како и дека ќе продолжат со својата конзистентна и гласна поддршка за наредниот чекор на Северна Македонија кон ЕУ.
Специјалниот пратеник на Владата на Севена Македонија за Бугарија Владо Бучковски во интервју за емисијата за меѓународна политика „Светот и ние“ на БНТ рече дека нашите позиции се кристално јасни и тоа е дека мора да се најде заеднички именител и со тоа да им го отвори патот на идните генерации.
Решението, според Бучковски, е во согласност со Договорот за добрососедство од 2017. -Целосно ми е јасно е дека во крајна линија се ќе биде поврзано со заедничката историја. Времето ќе работи за историската комисија, но немаме трпение таа да го трасира патот кон европската иднина, рече Бучковски, додавајќи дека се добредојдени искусни експерти кои решаваат вакви проблеми, но оти во овој момент нема потреба од посредници.
Бучковски е убеден дека треба да се изгради пат помеѓу Скопје и Софија со којшто патувањето од сегашните четири часа ќе де се намали на два часа, што е нормално за две соседни земји и нивните главни градови.
Во однос на капиталниот прокет за железничкото поврзување помеѓу двете држави посочи дека Владата во Скопје обезбедила 600 милиони евра за реализација.