Во Бугарија продолжува борбата со големите пожари, а пожарникарите и спасувачките служби се на терен и денеска. Министрот за внатрешни работи Даниел Митов изјави дека до крајот на денот се очекува пристигнување на шведски авиони, кои ќе се приклучат на акцијата преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
„Четири хеликоптери ќе дејствуваат во регионот на Струмјани, а уште три ќе работат во Хасковско и Јамболско. Иако ситуацијата е тешка, бројот на активни пожари постепено се намалува“, рече Митов пред новинарите.
Според него, дел од пожарите, како оној во Трнскиот регион, се веќе ставени под контрола. Митов ја пофали работата и организацијата на Главната дирекција за противпожарна безбедност и заштита на населението, истакнувајќи дека координираните напори даваат резултати.
Министерот апелираше граѓаните да бидат претпазливи и одговорни, бидејќи голем дел од пожарите се предизвикани од невнимание, а некои и од намерно палење. „Секогаш се трудиме брзо да ја утврдиме причината, а доколку станува збор за невнимание или умишлено палење, се преземаат соодветни мерки. Одлуката дали виновниците ќе бидат обвинети и за тероризам е во рацете на обвинителството“, додаде Митов.
Најтешка останува состојбата во Струмјани, каде што силниот ветер и ниската влажност постојано отвораат нови фронтови на пожарите.
Во врска со пожарот на депонијата кај Малко Трново, главниот комесар Александар Џартов изјави дека ситуацијата таму е под контрола и дека нема закана за населените места.
Џартов истакна дека во Струмјани продолжуваат активностите на терен – се отвораат нови противпожарни појаси, пожарот се гаси од земја каде што е можно, а хеликоптерите даваат воздушна поддршка. Тој предупреди дека временската прогноза за регионот останува неповолна, со силни пориви на ветер, што го отежнува гаснењето на пожарите.