Унијата на средношколци викендов одржа состанок на кој е одлучено и од понеделник да продолжи бојкотот на наставата. Тие на ова се одлучија откако МОН не ги прифати нивните барања за измени во делот на полагањето на државната матура. Унијата на средношколци бара, наместо четири предмети, да се полагаат два. Еден да биде мајчин јазик, а вториот да биде изборен предмет.

Сепак, од МОН не ги прифаќаат овие барања велејќи дека се должни да организираат полагање на државна матура за оние кои што сакаат да го продолжат школувањето на факултет. Оние кои не го планираат тоа, тогаш ќе полагаат два предмети, од кои едниот стручен.

Бленди Ходаи, претседател на Унијата на средношколци се состана во саботата со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а изјави дека поддршка за нивните барања побарале од сите партии кои имаат претставници во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ порача дека ќе ги поддржи нивните барања.

Ходаи вели дека од почетокот на второто полугодие наставата ја бојкотирале речиси 70 отсто од средношколците.