Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата  денеска треба да ја  продолжи седницата за Предлогот за избор на судија на Уставниот суд.

Седницата на Комисијата вчера беше прекината на барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески  кој во процедурална забелешка оцени дека претседателката Марија Георгиевска ја свикала неделовнички. Мицески наведе дека поканата ја добиле во петокот но не им биле доставени материјали за точката од дневниот ред, иако деловнички така требало да постапува Георгиевска.

Тој ја праша Георгиевски во што е итноста во оваа точка, кога, како што рече, Уставен суд не е комплетиран повеќе од година дена.

Според Георгиевска, согласно Деловникот известени се членовите и замениците членови за одржувањето на Комисијата. Таа објасни  дека добила информација дека има Предлог за  утврдување предлог за избор на уставен судија за место кое што е испразнето и согласно тоа ја закажала седницата. Најави дека сите членови и заменици членови на Комисијата ќе им биде поделен материјалот.

Предлог за судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија од страна на партиите од власта е професорката на Правниот факултет Јадранка Дабовиќ.

Предлогот за нов уставен судија е поради испразнетото место на судијата Јован Јосифовски чиј мандат истече во јануари 2022 година.

Во Собранието е закажана и седница на Комисијата за економски прашања која треба да ги разгледа предложените дополнувања на Законот за минерални суровини, по скратена постапка.