Јапонската Влада ја продолжи денеска вонредната состојба во подрачјето на Токио за две недели во обид за спречување на ширењето на Ковид-19, поради што премиерот Јошихиде Суга се извини.

Вонредната состојба требаше да заврши на 7 март, но четири и пол месеци пред Токио да биде домаќин на Олимписките игри, Суга истакна дека постои потреба за внимателност поради заканите од новите мутации на коронавирусот и можноста за зголемување на бројот на заразени случаи.

– Искрено ми е жал што не успеав да ја укинам вонредната состојба, како што претходно беше ветено, до 7 март. Се извинувам од срце, изјави Суга на прес-конференција.

Во рамки на вонредната состојба во Токио и три околни префектури, Владата побарала рестораните и баровите да бидат затворени до 20 часот и да престанат да служат алкохол еден час претходно.

Од граѓаните се очекува да останат во своите домови по 20 часот, освен ако немаат сериозна причина да излезат надвор.