Продажбата на билетите за трката во Формула 1 во Остин се зголеми откако Макс Ферстапен престана да победува, изјави промоторот на трката Боби Епштајн.
Актуелниот шампион на многу доминантен начин ја започна новата сезона, победи на четири од првите пет трки и се чинеше дека нема да има неизвесност кој ќе биде светски шампион и оваа сезона.
Сепак, во последните осум трки, возачот на Ред Бул нема забележано ниту една победа и сега Ландо Норис, на шест трки до крајот на сезоната има само 52 поени помалку, а Мекларен ја презеде лидерската позиција од Ред Бул кај конструкторите.
„Продажбата на билетите навистина се зголеми откако Макс престана да победува и сезоната стана поинтересна“, рече Епштајн, промотер на Американското ГП во средината на октомври (19-20).
Како што изјави, сите во организацијата се плашеле дека овогодинешната трка во Остин може да биде најмалку посетена од пандемијата на корона вирусот, но работите се сменија.
Миленикот на публиката во Тексас, Даниел Рикиардо нема да биде на патеката, откако доби отказ во РБ тимот, но Епштајн вели дека се надева дека Абстралиецот сепак ќе може да дојде на трката.
Текстот „Продажбата на билети се зголеми откако Макс престана да победува“ е превземен од МАКФАКС.