Сенатот на САД (Горниот дом на Конгресот) денеска гласаше „за“ барањето да се повикаат сведоци во постапката за импичмент која се води против сега веќе поранешниот претседател Доналд Трамп за неговата улога во нередите и упадот во зградата на Конгресот на 6 јануари годинава.
За денеска беше предвидено да се дадат завршните зборови од страна на демократските конгресмени, кои се во улогата на обвинители, и од одбраната на Трамп, како и да има гласање. Меѓутоа, претставникот на демократите од Претставничкиот дом (Долниот дом на конгресот), Џејми Раскин побара да се повикаат сведоци, барем републиканката Џејми Херера Батлер од Долниот дом, со оглед дека таа обелодени оти за време на упадот Трамп имал телефонски разговор со висок претставник на републиканската партија во која тогаш актуелниот претседател рекол дека демонстрантите се повеќе загрижени за изборните резултати отколку републиканските сенатори и конгресмени.
– Advertisement –
„За“ повикување сведоци гласаа 55 сенатори, а 45 беа „против“, што значи дека на 50-те демократи во Сенатот со своите гласови им се придружија уште 5 републиканци.
Зошто е важен импичментот со оглед дека Трамп ја напушти Белата куќа?
За Трамп да биде прогласен за виновен, потребно е двотретинско мнозинство од 100-те сенатори. Бидејќи силите се 50:50, на демократите треба да им се приклучат уште 17 републиканци, но тоа е малку веројатно. Надежите дека ќе биде прогласен за виновен се намалуваат и по денешната вест дека лидерот на Републиканската партија во Сенатот, Мич Меконел, најавил оти ќе гласа за ослободување на бившиот претседател бидејќи смета оти Горниот дом нема надлежност да води постапка за импичмент со оглед дека Трамп повеќе не е претседател.
Дали Сенатот е надлежен или не бидејќи заврши мандатот на Трамп, беше дилема која се наметна во американската јавност и на почетокот на судењето во рамки на импичментот. Сенаторите се изјаснија и мнозинството гласаа дека, сепак, може да се води постапка. Во случај Трамп да биде прогласен за виновен, што е малку остварливо, Горниот дом понатаму може да гласа за да му забрани повторно извршување на висока функција што би значело дека нема да може да се кандидира на изборите во 2024 година.