Ако Македонците, повикувајќи се на проценти, им го наметнуваат на Албанците статусот на малцинство или етничка заедница, кои со овој попис се под 4%, се поставува прашањето зошто Албанците треба да прифаќаат да се третираат како малцинство кога разликата меѓу нив и малцинствата е неколку пати повисока од разликата помеѓу Македонците и Албанците?

Пишува: Зеќирија Ибрахими

Во Северна Македонија само што се објавени резултатите од пописот на населението и домаќинствата, процес кој теренски е изведен во текот на 2021-ва година. Покрај добрата вест дека конечно и Северна Македонија успеа да спроведе попис на населението (од 2002-ра немаше попис, а во 2011-та, откако започна, беше прекинат), резултатите се повторно во стилот на македонската поговорка „и волкот сит, и овците на број“. Според овој попис, како резидентно население Македонците се 58.44 %, Албанците – 24.30 %, Турците – 3.86 %, Ромите – 2.53 % и т.н., а како општо население (значи и нерезидентно) процентите се малку поинаку: Македонци – 54.21 %, Албанци – 29.52 %, Турци – 3.98 %, Роми – 2.34 % и т.н.. (За споредба, во 2002-ра процентите изгледаа вака: Македонци – 64.17 %, Албанци – 25.17 %, Турци – 3.85 %, Роми – 2.66 % и т.н.)

Независно од оспорувањата на албанските опозициони партии, кои секако заслужуваат внимание, кога ги гледаме ваквите резултати и ги прифаќаме како веродостојни, може да заклучиме дека:

  • имаме опаѓање на бројот и кај Македонците и кај Албанците; кај Албанците се гледа дека има иселување како егзодус, што секако извира од тивкото иселување што ја спроведувале владите од 2002-ра наваму (Албанците се гордеат што имаат позитивна скала на наталитет до 20 илјади новороденчиња годишно, а сепак не се гледа никаква разлика);
  • и покрај опаѓање на процентот, Македонците продолжуваат да го зачуваат приматот на нација, која тие ја сметаат за „апсолутно мнозинство“, и така државата да ја третираат како моноетничка македонска со „некои малцинства“;
  • Албанците продолжуваат да го зачуваат приматот на незагрозување на формулацијата „етничка заедница поголема од 20%“ (дури, некои Албанци се гордеат што се министри на „етничките заедници“), така што Охридскиот рамковен договор и уставот што произлегол од него остануваа на сила;
  • иако Турците, Бошњаците и Ромите ги оспоруваат ваквите бројки, државата не сака да слуша за нивните реакции;
  • со вакви бројки се зачувува стабилноста и статус-квото на земјата.

 

Иако процентите се начин за позитивна дискриминација, како држава која со Охридскиот рамковен договор е изградена врз основа на проценти, Северна Македонија – и со овој попис – треба повторно да размисли дека инсистирањето на овој модел на градење на држава може да продуцира кризи и можност за дестабилизација. Инсистирањето за моноетничка држава, која се гледа од преамбулата на уставот, државните симболи, јазичните политики, распределбата на јавните финансии, армијата, полицијата, правосудството, се до изборниот модел и безбедноста, е насилно наметнување за креирање на фиктивна реалност покрај фактичната реалност. Всушност, овој модел може да се протурка уште некое време, но третирањето на Албанците како малцинство („етничка заедница“) секако дека ќе предизвикува незадоволство. Ако ова држава се засновува на проценти, а сите знаеме дека тоа е така, тогаш една проста математика покажува дека разликата во проценти на Македонците од Албанците не е ни два пати повисока, додека разликата на Албанците од другите помали заедници е шест-седум пати повисока.

Затоа, ако Македонците, повикувајќи се на проценти, им го наметнуваат на Албанците статусот на малцинство или етничка заедница, кои со овој попис се под 4% (секако, повторувам, оспоруван од нив), се поставува прашањето зошто Албанците треба да прифаќаат да се третираат како малцинство кога разликата меѓу нив и малцинствата е неколку пати повисока од разликата помеѓу Македонците и Албанците? Секако прашањето е логично, легално и легитимно, а за одговорот нека мислат тие кои сакаат Северна Македонија да ја гледаат во овој модел на градење на државата. Ако Албанците се 1/4 во државата или како нерезидентно население скоро 1/3, што подразбира не само физичко присуство, туку и финансиско, третирањето како малцинство не само што е дискриминација, туку тоа акумулира незадоволство, чија реакција во иднина не може да се предвиди.

За да не им останеме должни на читателите, ќе го повториме тоа што сме го рекле неколку пати дека ако Северна Македонија сака да стане нормална држава, таа треба да биде симетрична во однос на општеството. Ако во оваа држава живее едно големо мнозинство, значи Македонците, кои се малку повеќе од пола население во државата, и ако тука живее еден друг народ, значи Албанците, кои се 1/4 или 1/3 од државата, како и група на малцинства, таков треба да биде и моделот на градење на држава. Значи, државата треба да се дефинира како држава на првото поголемо мнозинство (Македонци), на второто поголемо мнозинство (Албанци) и на другите малцинства (Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и др.) Тоа значи дека и во преамбулата на уставот треба да имаме одвоена формулација за Албанците како второ поголемо мнозинство, тоа значи дека и државните симболи треба да го одразуваат второто поголемо мнозинство, тоа значи дека и изборниот модел треба да го одрази процентот на Албанците во бројот на пратеници (секако и помалите заедници заслужуваат таква застапеност), тоа значи дека и јазичната политика треба да го признае првиот официјален јазик (македонскиот) и вториот официјален јазик (албанскиот), тоа значи дека и во армијата, во полицијата, администрацијата, во правосудниот систем треба да се одрази тоа, но и државниот буџет треба да се распредели со такви параметри. (Моментално, просечниот сооднос на Албанците и Македонците во застапеност е негде 75 % со 20%, што секако не е одраз на процентите од пописот.

Освен овој модел, кој личи на бинационална држава, друга можност е и редефинирање на државата како чисто граѓанска, во која нема да има нација која е мнозинство, во која суверенитетот припаѓа на граѓанинот, во која преамбулата на уставот е граѓанска без етнички одлики, во која државните симболи се неутрални кон различните заедници, во која државната политика ниту фаворизира ниту дискриминира (ни позитивно) ниту еден граѓанин врз етничка основа, а јазичните политики се градат според реалните потреби на заедниците во државата.

Било кој модел да се прифати, ќе биде подобар од актуелниот. Јас сум убеден дека на тој начин Северна Македонија добива многу, градејќи долгорочна стабилност, општествена кохезија и отстранување на сите можности за незадоволство, кои може да резултираат со меѓуетнички недоразбирања. Живејќи во свет во кој ниту еден ден не е ист со наредниот, редефинирањето на Северна Македонија врз овие критериуми не е на ничија штета во државата, а секако е добро за долгорочното државно здравје.

Во спротивно, премолчувањето на оваа реалност и однесувањето како се да е во ред, подразбира дека незадоволството продолжува и не се знае кога може да пукне, кој ќе го потурка тоа, како ќе се одрази и кои ќе бидат последиците од сето тоа.