НЦАА-тимот не му дава дозвола на македонскиот талент да игра за својата репрезентација на решавачките мечеви за пласман на ЕП. Димитријевиќ од Хувентуд треба да биде во репрезентацијата, но можеби ќе доцни на подготовките
Андреј Јакимовски (19, 202) нема да може да и помогне на македонската кошаркарска репрезентација во решавачкиот февруарски циклус за пласман на Европското првенство 2022, затоа што Универзитетот Вашингтон стејт за чиј тим настапува во НЦАА лигата, не го пушта.
Кошаркарската федерација на Македонија испрати барање до Вашингтон стејт да му даде дозвола на големиот македонски талент кој сезонава игра во одлична форма, да настапи за Македонија во февруари на квалификацискиот турнир во Перм, Русија. Но оттаму стигнал негативен одговор.
За ова информира спортскиот директор Тодор Гечевски. Во КФМ се надеваа дека ќе го добијат крилото Јакимовски, затоа што неговата помош би била од голема корист. Сепак тимот на селекторот Александар Тодоров ќе треба да се снајде без него. Универзитетот не е обврзан да го пушти играчот, бидејќи не е член на ФИБА. Инаку, Јакимовски ја информирал нашата федерација дека тој сака да настапи за Македонија во Перм.
– Од универзитетот Вашингтон стејт ни пратија одговор дека нема да го пуштат и тоа е тоа – ни изјави Гечевски.
Можеби најважниот играч на македонскиот тим, плејмејкерот Ненад Димитријевиќ, кој исто така е во одлична форма судејќи според настапите за неговиот Хувентуд, треба да игра за репрезентацијата во Перм, но можно е да доцни на подготовките. Македонија стартува со подготовки на 10 февруари, а Димитријевиќ (22, 187) треба да игра во Купот на Шпанија во четвртфиналето против Басконија на 12 февруари. Ако Ненад со Хувентуд дотурка до финалето на Купот (14 февруари), ќе може да му се приклучи на тимот дури потоа, односно сам да патува за Перм, затоа што чартерот со репрезентацијата заминува од Скопје за Русија на 15 февруари, вели Гечевски.
Загрижувачка е состојбата со Американецот Џејк Вајли (26, 203), кој прележа ковид 19 во декември и оттогаш не игра. Неговиот клуб Гран Канарија го пушти крилниот центар дома во САД поради семејни проблеми. Гечевски вели дека има потврда оти Вајли ќе дојде до Скопје на 8 јануари за да и се придружи на репрезентацијата. Сепак, прашање е во каква форма ќе биде Американецот кој има важна улога во плановите на Тодоров.
Македонија во Перм ќе го отвори турнирот во меч со Италија (18 февруари), а еден ден подоцна игра со Русија. Два дена потоа националниот тим повторно игра со Италија, а турнирот го завршува со веројатно најважниот меч за пласман на ЕП, против Естонија. На тој меч треба да победиме со двоцифрена разлика за да обезбедиме учество на ЕП.