Светот стои на раскрсница – и НАТО исто така. Црпејќи од своето повеќедецениско искуство во дипломатијата, безбедноста и меѓународните односи, некогашен министер за одбрана, амбасадор на Македонија во Белгија и Луксембург и специјален претставник на нашата држава во НАТО, Лазар Еленовски ја напиша новата книга „Пробив кон глобална алијанса: Непознатите познати на НАТО“.

Книгата, која е во издание на „Арс Ламина“, беше промовирана вчеравечер (18 септември), во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Модератор на настанот беше Сеад Ризвановиќ.

Во годината на два битни лични јубилеи, 75 години од формирањето на НАТО и 30 години од атлантскиот пат на Еленовски, оваа книга претставува негов придонес кон непознатата иднина на атлантската идеја и организација.

– Книгата е мој личен придонес кон нешто кон кое сум бил посветен три децении. Иако идејата за самата книга е стара четири-пет години кога почнав да ги формулирам идејата и концептот за книгата, чувствував личен долг и, ако може да кажам, морална одговорност да образложам концепт со кој досега успешната безбедносна алијанса на западниот свет ќе продолжи да го дава својот придонес кон светскиот мир и стабилност и ќе ги избегне историските стапици и предизвици кои би можеле да ја загрозат нејзината релевантност, а кое е нешто со кое се соочува секој општествен феномен или творба – истакна Еленовски.

Во книгата авторот праќа силно предупредување: без смела трансформација, најуспешната безбедносна Алијанса во модерната историја ризикува да стане реликвија од минатото. Со новите закани, кои произлегуваат од рапидниот развој на технолошкиот свет и растечките геополитички ривалства, доведен е во прашање опстанокот на демократскиот поредок. Па оттаму, во книгата, со итност и јасност се разработуваат натамошните активности кои НАТО треба да ги преземе како глобална сила за да може да придонесе на човештвото низ бурните непознати на 21 век.

Во книгата Еленовски ги истражува успесите на НАТО, внатрешните контрадикции и занемарените предизвици – непознатите познати – кои се закануваат на неговата релевантност.

– Терминот непознатите познати подразбира работи за кои не сме свесни дека ги знаеме, односно не знаеме дека ги знаеме. Тоа е своевиден парадокс, но впрочем сведоци сме самите дека самиот живот е полн со парадокси. За таков парадокс и зборувам во книгата кога ги анализирав НАТО и неговите трансформации посебно од крајот на Студената војна до денес, неговите главни лостови, како што се САД и европските сојузници, нивните главни геополитички конкуренти, како што се Кина и Русија, но и преостанатите нормали или стандарди на денешната светска безбедносна реалност – објасни тој.

Со оваа книга намерата на авторот е да ја доближи македонската публика до реалностите кои ги продуцираат современите безбедносни, надворешнополитички и геополитички трендови.

– Како и насекаде во светот, и кај нас доминираат митови за одредени состојби, што со јазикот на книгата значи дека претставуваат за нас непознати познати. Затоа подобро е ако се видат работите во вистинско светло за потоа и реакцијата да биде соодветна или продуктивна за самата држава. Историскиот пат на Македонија од нејзиното осамостојување, за жал, покажува дека ние почесто не знаеме како да реагираме пред меѓународните предизвици, посебно големите и реагираме несоодветно, недоволно или погрешно. На тој начин уште повеќе ја отежнуваме сопствената состојба и го загрозуваме процесот во кој се наоѓаме – рече тој.

Книгата веќе излезе и на англиски јазик и може да се најде на „Амазон“. Со тоа, ова делото ќе има многу поширок меѓународен опсег.

-Се надевам дека книгата ќе биде едукативно четиво за современите безбедносни и геополитички трендови и дека посебно ќе им послужи на новите генерации кои уште поподготвено ќе треба да се соочат со овие големи промени и предизвици кои доаѓаат – истакна тој.

Лазар Еленовски има посветено многу години на одбраната, дипломатијата, политиката и граѓанскиот ангажман, играјќи значајна улога во унапредувањето на реформите во безбедносниот и одбранбениот сектор на Македонија, како и во поттикнувањето на регионалната соработка и интеграција. Тој е еден од пионерите на атлантизмот во Македонија од средината на 1990-тите години и беше лидер на националното атлантско движење во текот на 2000-тите. Исто така, тој беше потпретседател на меѓународната атлантска асоцијација од 2011 до 2014 година. Еленовски беше министер за одбрана од 2006 до 2008 година, а амбасадор на Македонија во Белгија и Луксембург од 2012 до 2016 година. Во периодот од 2018 до 2020 година тој беше специјален претставник на Владата на Северна Македонија во НАТО. Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

Текстот „Пробив кон глобална алијанса“ – поранешниот министер Еленовски напиша книга за НАТО е превземен од МАКФАКС.