Пишува: Никица Корубин

Зачестеноста на (декларативната) употреба на ЕУ, како збор, перспектива и иднина, последниве неколку дена, па и недели; после неколкумесечниот мораториум, на ниво на “вербален деликт” во јавниот говор, дава интересни димензии на целокупниот контекст на партиските игри на “дестабилизирањето” на владата, преку “стабилизирањето” на ослабувањето на албанскиот политички фактор – опозицско/позициски.

Па, колку повеќе турбуленции и (не)свесно предизвикани дезинтегрирања преку изнудени интегрирања (анулирањето на партиите и чинителите во движењето ВЛЕН и нивно претопување во еден политички субјект); толку повеќе, наеднаш, воскреснува ЕУ, и нејзината неопходност во партиско/политичкиот говор, инаку неподржан од медиумската “јавност”. Речиси, како два паралелни, спротиставени процеси.

Што повторно го отвара прашањето, дали веќе е целосно политички недоследно и некоректно, да говориме во еднина, пред се’ за македонските партии (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ) и треба да почнеме да говориме во множина (чиј број поголем од еден) може да варира, па на пример да речеме: двете ВМРО-ДПМНЕ – едно анти-ЕУ, а едно срамежливо за ЕУ; трите СДСМ – едно анти-ЕУ, едно “демек” за ЕУ, едно про-ЕУ.

Примерот може да се “надгради и прошири”, а може и да ги заменат позициите; но суштината е иста – индивидуалните говори на јавните функционери или партиските, со самите партиски соопштенија – повеќе не кореспондираат по порака, интензитет и намера – едни со други.

Сликовит пример се партиските соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ (кое од двете или трите), е оставено на индивидуална проценка; после “лидерската” средба, кои што прогресивно ја зголемија агресијата кон претседателот на СДСМ и ре-креирањето на стариот наратив “Филипче е (на)Заев”, кога логично би било тие да паузираат, после конспиративната, но помирливо средба. Па, чија посета на Дубаи, беше побитна за нив?

Тоа што претседателот на СДСМ, после “лидерската” средба, нагло го врати фокусот кон ЕУ, реторички попрецизен од било кога, може(в)ме да го третираме како случајност, доколку изостанеа, со ништо непредизвикани (како опис на буквалното и метафоричко “опозициско” нефункционирање на СДСМ); масовните, секојдневни и навредувачки соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ (некоја од неколкуте) кон него.

Иако, никогаш не треба да се исклучи и познатиот метод на “параван”, односно жестоките “јавни” напади, како покритие за потенцијалната “тајна” соработка, која одамна е прилично јавна и транспарентна, на пример на прашањето на албанофобијата и фобијата од политичкото и интелектуалнато влијание на Албанците (и како партии, но и како индивидуалци); ЕУ наративот, се чини сепак станува важна тема. И тоа парадоксално, токму со тектонските гео-стратешки проблеми.

Ако стабилноста на ЕУ и нејзината релација со САД, во јуни 2022 година, во време на усвојување на преговарачката рамка, и неколку години пред тоа, а особено пред инвазијата на Русија врз Украина; дозволуваше состојба на “декларативна про-ЕУ” и “ефективна анти-ЕУ”, се чини дека станува исклучително тешка, ако не и невозможна “политичката глума” и реализација во реалноста; сега во услови на јасна позиција на ЕУ и нејзиното осамостојување од САД. И ја обликува на дело поговорката “внимавај што ќе посакаш”.

Затоа што, оваа светска гео-политичка криза, беше “сонот” на многумина од нашата “заробена држава”, не мислејќи никогаш за активната реализација, која во основа е анти-европска, брутална, опасна и недемократска.

Лесно е да се биде анти-ЕУ со нивни пари и од позиција на демократско уредување, но како би изгледала позицијата (и личниот живот) во антиподот – целосно недемократско и репресивна општество, надвор од ЕУ? Се чини дека нашата анти-ЕУ “заробена држава”, не само што не може без парите на ЕУ, туку поважно, не може без параванот на про-ЕУ.

Какви и да се “игрите”, тие всушност ги определуваат и процесите. Дали сведочиме на принудното спојување на патиштата, на, од една страна искрените намери и желби на мнозинството граѓани за ЕУ (според нивните анкети) и од друга страна принудените партиско/партократски елити?

Што и да е, нашиот интерес, како граѓани и општество, е јасен. Да видиме чија желба на крајот ќе се оствари и како. А, и да видиме кој колку внимавал (и знаел) што посакува. И како желбата, всушност изгледа во пракса.