Двајца од тројцата осомничени за намерно предизвикување пожар во викенд куќа во селото Капиново, општина Чашка, се веќе во притвор, а за третиот осомничен се преземаат мерки за пронаоѓање, информира Основното јавно обвинителство Велес.
Според истрагата, осомничените – двајца од Прилеп и едно лице од село Ореше – на 10 мај со возило со прилепски регистарски таблички дошле до викенд куќата, насилно влегле во објектот и намерно го запалиле со запалива течност. Во моментот на инцидентот, сопствениците не биле присутни, но куќата целосно изгорела, при што е причинета голема материјална штета. Повредени лица нема.
Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Велес, а истрагата ја воделе СВР Велес во координација со криминалистичките служби од БЈБ и ОВР Прилеп.
Како што соопшти МВР, двајца од осомничените – Ѓ.П. (56) од Ореше и Д.Д. (37) од Прилеп – се уапсени на 16 мај и задржани во полициска станица. Третиот осомничен, С.М. (40) од Прилеп, сè уште е во бегство.
Јавниот обвинител до надлежниот суд доставил предлог за определување мерка притвор за сите тројца. За двајцата приведени мерката веќе стапи на сила, а за третиот ќе се применува по неговото лоцирање и апсење.