Папата Франциско почина утрово, а една од своите последни приватни аудиенција ја одржа на 9 април во резиденцијата Каза Санта Марта во Ватикан, каде што се сретна со кралот Чарлс и кралицата Камила по повод нивната 20-годишнина од бракот.
Кралицата Камила за оваа пригода носеше црн фустан, но поради титулата не мораше да носи вел. Имено, според протоколот на Ватикан, жените при средбата со папата треба да носат долги ракави, свечена црна облека и црн превез кој им ја покрива главата. Сепак, постојат исклучоци.
Привилегија на белата боја
Само седум жени во светот смеат да носат бело во присуство на папата, според традицијата наречена „il privilegio del bianco“ на италијански или „привилегија на белото“. Овој исклучок е резервиран исклучиво за одредени католички кралици и принцези, кои имаат право да носат бело на папските настани, како што се аудиенции, канонизации и специјални миси.
Меѓу нив се Шарлин, принцезата од Монако, белгиската кралица Матилда, шпанската кралица Летиција, големата војвотка Марија Тереза од Луксембург и принцезата Марина од Неапол. Освен нив, оваа привилегија ја имаат и две кралици чии сопрузи повеќе не се на тронот, а тоа се шпанската кралица Софија и белгиската кралица Паола.
Постоењето на оваа привилегија не значи дека треба да носат бело. На пример, кралицата Матилда носеше бело кога се сретна со папата во септември 2024 година, додека сопругата на принцот Алберт, Шарлин понекогаш носеше црн фустан.
Патем, ова е многу ретка и симболична чест во Католичката црква. Привилегијата е многу ограничена и се однесува само на жените од католичките кралски семејства, кои имаат право да носат бел фустан и вел за време на приватна аудиенција кај папата, наместо традиционалната црна облека која симболизира понизност и почит кон Светиот Отец.
Белата боја се носи исклучиво за време на свечена, приватна аудиенција кај папата, најчесто во Ватикан и со претходна дозвола на Папата. Тоа е високо протоколарен акт што ја одразува и верската припадност и статусот во Католичката црква.