Приватните автобуси на „Слобода превоз” од утрово не возат бидејќи Град Скопје и ЈСП „Скопје” не им исплаќаат пари. Наместо во сообраќај, врабоените кај превозниците денеска пешки дојдоа пред канцеларијата на градоначалничката Данела Арсовска и бараа итна средба со претставници од Градот. Претставници на превозниците беа примени во една од салите во Градот и во тек е состанок за решавање на нивните барања.

Од утрово нема приватни автобуси на линиите 9,12,22, 23 и 45. Сè уште возат автобусите за приградските населби 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73 оти на овие линии нема автобуси на ЈСП па ако престанат да возат и приватниците граѓаните целосно ќе бидат отсечени од градот.

Од Градот велат дека „приватниот превозник „Слобода Превоз“ не ги почитува договорените обврски од јавен интерес. „Во последниот месец се оценува квалитетот на работењето на приватнитте превозници согласно индикаторите за квалитет на работењето (редовност, хигиена, валидација на билети) поради се почестите поплаки на граѓаните за квалитетот на превозот од страна на приватните превозници“, стои во соопштението од Кабинетот на градоначалничката.