Како што објави Порталб, автобуската линија број19 од Шуто Оризари до Карпош и обратно не сообраќаа бидејќи Град Скопје не ги исплаќа потребните суми на пари на превозниците. При тоа, приватните превозници потсетуваат дека градоначалничката дури ветуваше и бесплатен превоз за скопјани, па дури и набавка на нови 250 автобуси, а дека не дава пари ниту за покривање на трошоците, но и дека граѓаните немаат сега можност ниту за свои пари да користат градски превоз.
Од компанијата „Макекспрес” велат дека сопствениците на автобуси кои сообраќаат на оваа линија едноставно немаат финансиски средства за да работат. Велат, не се платени од февруари.
„Сопствениците на автобуси ги потрошија сите свои резерви и сега се принудени еден по еден да ги исклучуваат од сообраќај автобусите. Финансиски не можеме да опстанеме”, велат за Порталб од „Макекспрес”.
Ниту од Јавното сообраќајно претпријатие, ниту од Град Скопје не одговориле на прашањата на новинарите на Порталб, зошто овие средства не се исплатени, иако градот е обврзан да издвои пари од буџетот што ги добива токму од граѓаните за финансирање на градскиот превоз, вклучувајќи ги и овие автобуси.
„Намалувањето на бројот на автобуси почна од септември наваму. Сè се чувствува. Доволно е да недостасува еден автобус и да се создаде гужва”, велат од претпријатието и предупредуваат дека иста ситуација може да се случи и со другите линии, бидејќи не им се платени финансиските средства.
Инаку, од 2016 година во рамките на ЈСП сообраќаат и приватни автобуси. Според тогашната одлука на Советот на Град Скопје, им се плаќа 61 денар за изминат 1 километар