Според информации од Обвинителството, судија на претходна постапка им одредил притвор на шестмината уапсени во завчерашната акција во која беа запленети 200 кг дрога во вредност од 800.000 евра. Тие ќе бидат во притвор 30 дена за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” – кривично дело кое е предвидено и казниво по член 215 став 3 од Кривичниот законик“.
Од Обвинителството велат дека оваа акција е спроведена по повеќемесечна постапка, координирана и по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Одделот за криминалистичка полиција, во соработка со Одделот за спречување организиран и сериозен криминал и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, а со асистенција на американската служба за борба против дрога – ДЕА и Основното јавно обвинителство – Кавадарци .