Сто илјади вакцини од кинескиот производител „Синофарм“ пристигнаа денеска во државава, како донација од Министерството за одбрана на Народна Република Кина.
Донацијата, пред складиштето за вакцини во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, ја предаде кинескиот амбасадор Џанг Ѕу на министерите за одбрана Радмила Шекеринска и за здравство Венко Филипче. Испораката на донацијата е договорена на средбата на Шекеринска со кинескиот министер за одбрана, генералот Веи Фенгхе при неговата посета на државава.
На крајот на минатиот месец во С Македонија пристигнаа 200.000 вакцини „Синофарм“ што Владата ги набави од производителот, а најавени се и 500.000 вакцини „Синовак“.
Инаку, синоќа пристигнаа 38.400 вакцини од производителот Астра Зенека, обезбедени преку Ковакс механизмот, а кои ќе се искористат за ревакцинација и вакцинација на граѓаните кои имаат над 60 години.